Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски категорично изјави дека нема амнестија за ниту еден поединец во тековната истрага за пожарот во објектот „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 61 лице, а над 200 беа повредени.
Според министерот, постапките се спроведуваат против сите за кои има основани сомнежи и докази, без разлика на функцијата, институцијата или статусот. Во истрагата досега се опфатени над 50 осомничени лица, вклучително и полициски службеници.
„Против секој за кого има докази, Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава. Секој кој ќе биде утврден како причинско-последично поврзан со предметниот кривично-правен настан, од аспект на исполнување на елементи на конкретно кривично дело, ќе биде соодветно процесуиран,“ изјави Тошковски.