Незнаењето не оправдува

0
608

или

На спомениците не треба да им се верува (16)

44.

Иако мислам дека досегашната елаборација на повеќето елементи одделно во спомен обележјето (неоправдано крстено) „Споменик на паднатите херои“ во паркот Жена-борец, особено на скулптурата на Прометеј, како и на целиот споменик, е доволна за да се предочи проблематичноста (најблаго речено) на оваа творба, не пледирам дека сум ги исцрпил сите можни аспекти. Уште помалку дека сите мои укажувања и упатувања се нужно задолжителна лектира за властите, сегашните и некои идни, и некаква насока за постапување. Иако мислам дека такви чекори се нужни имајќи ги предвид сите отворени и скриени алузии и асоцијации што ги содржи во себе една ваква творба. Зашто, овој споменик е сѐ само не тоа што треба да биде, дури и кога би го соголиле од напластените судири и контрадикторни и конфузни симболи. Иако се сомневам дека би можеле да го соголиме – или облечеме, уште еднаш – во нешто друго што не би нѐ потстетувало дека тоа е, како што напишав, само осовремен Брекеров наци Übermensch којшто во слободно време го глуми Прометеј! И никој не знае што бара во центарот на Скопје, карши Собранието на РМ!?!

Ако се има предвид сето претходно речено, појасни ли се можеби реакциите на граѓаните и обидот да се ничкоса токму таквиот симбол којшто несомнено го иритира здравиот разум кај многумина, освен кај подлизурковците на власта? Или нашиве уметници, сосе нивните газди, навистина мислат дека луѓето се неуки како нив и не умеат да ги препознаат / прочитаат пораките? Ако пак проблемот беше во „тројца естетичари што направија фама“, како што сака да нѐ убеди Аџиевски, зарем нивната моќ е толкава да поттикне маса луѓе контра „невиниот“ споменик?

45.

Оттука, вистинскиот проблем останува во самиот споменик како целина, а особено во неговиот елемент наречен Прометеј, чии што карактеристики упатуваат на сосема спротивен дискурс, и „естетика“, се разбира. Точна е констатацијата на Аџиевски дека „овој македонски народ никогаш немал фашизам во себе“! Но споменикот не го направи македонскиот народ, туку тој, нарачан и платен од самиот партиски врв на оваа власт. Та оттука, никој и не го обвинува овој „македонски народ“, напротив. Тој народ покажа што и како мисли за неговиот Прометеј и за споменикот во целина. Веројатно ќе покаже и утре, уште поцврсто и поексплицитно. И тој конфликт ќе мора да се разреши, на еден или на друг начин!

Поблиската историја на некогашните комунистички држави упатува на слични конфликти при модалитетите на „славењето“ на минатото: порано спомнатата „војна на спомениците“ во Естонија (т.н. Лихула споменик и споменикот „Бронзен војник“ во Талин), потоа споменикот „Шведски лав“ во Нарва итн. Притоа, т.н. Лихула споменик бележи сосема слични конотации како и нашиов споменик. Имено, во 2004 година, група ветерани од Втората светска војна подигаат споменик со релјеф на војник со типични нацистички инсигнии и со натпис „На Естонците кои во 1940-1945 се бореа против бољшевизмот и за обнова на Естонската независност“. Тие борци всушност не биле ништо друго туку припадници на злогласната Естонска СС-дивизија, која се борела на страната на Германија. Набргу по поставувањето Естонската влада наредила негово отстранување, што било спроведено со асистенција на полицијата (Естонско ЕБР!) и судир со поддржувачите. Во 2005 година споменикот бил (повторно) поставен, но сега на приватно земјиште, во рамките на приватен музеј близу Талин[1].

А сепак, и покрај сличностите, има и големи разлики. Естонскиот споменик е транспарентен, јасен и недвосмислен веќе на прв поглед, нашиот е камуфлиран, мимикриран, обвиткан во загатки и (квази)митологии, со цел да прикрие, замагли, дезориентира. Што пак нѐ носи до (условно) последното прашање: знаел ли воопшто уметникот што прави?

46.

Се разбира, ова е целосно хипотетичко и депласирано прашање и веројатно никого вистински не го интересира. Веќе самиот факт што ја прикривал сличноста со најекспонираниот нацистички уметник, правејќи притоа лажна замена со спомнувањето на имињата на Мухина, Колбе и слично, упатува на свесна манипулација. Но тоа е негов проблем, односно дури и незнаењето никого не ослободува од одговорност – уметничка, историска, морална, секаква!

Истото прашање може да се постави и за оние кои на некој начин биле вклучени во изборот, односно инсталацијата на овој и ваков споменик среде македонската престолнина: сите оние „стручњаци“ во разноразни одбори и комисии, па анонимни советници, па супервизори, па полуписмени политичари итн. Ниту тие – или особено тие – не се ослободени од вината заради нивното евентуално незнаење, неинформираност, неспособност.

Но сепак, најтрагичен останува фактот дека наспроти огромните средства, наспроти (веројатно) големиот труд на сите вклучени во неговото подигање, споменикот не само што ве остава рамнодушен, лишен дури и од минимален / неопходен пиетет кон паднатите херои, туку се обидува да ве прелаже, да ви наметне / изнуди почит кон најмрачниот период на човековата понова историја. А тоа не е работа на политиката, уште помалку на уметноста!

[1] Што како решение може да се примени и во нашиот случај: уметникот да си го реинсталира Прометеј во својот двор, или да му го подари на неговиот тогашен газда „Тинекс“, или да го откупи некој од оние во власта кои толку го бендисаа …!

Златко Теодосиевски, историчар на уметност и кустос