Во Понеделник, 27 Јануари, во 20:00 во Кафе-книжарница Буква ќе се одржи мултимедијална промоција на новиот роман на Натали Спасова, именуван Не ѝ верувај на баба ти.
Ова е четврт роман на Натали, по Прва љубов во розевата улица, Запалка и Двете Принцези, кои се веќе преведени на Украински, Српски, Бугарски и Англиски јазик. Спасова се јавува исто така и како драматург на театарските претстави The Visitor, Dreamcatcher, The Last Slav on Earth и Два пати Мери, последната е работена според поглавје од нејзиниот нов роман, и истата ќе биде прикажана во хибридна верзија (видео запис со драмско читање) на промоцијата во Буква.
Не ѝ верувај на баба ти раскажува за Анастасија, малолетничка која исчезнува на пат кон своето училиште. И додека сите новинари се во трка за подобро да ја покријат веста за нејзиното исчезнување, романот ги следи приказните на девет обични луѓе, кои никогаш не ја сретнале Анастасија, и најверојатно нема ниту да ја сретнат. Сепак, според Спасова, оваа книга не е за Анастасија, ниту за тие девет луѓе. Оваа книга е за општеството натоварено со мудрости од претходните генерации, кое гласно ги осудува различните а ја премолчува вината на сличните, кое отвара очи да го види срамот на другите а затвора пред нивните маки, и секогаш е зинато, дури и кога нема ништо паметно да каже.
Романот е финансиран од Министерство за Култура а како уредник и издавач се јавува самата авторка, и истиот може да се набави преку веб страницата на Здружението за промоција на уметноста, културата и театарот СКОРО ТЕАТАР Скопје (skoro.mk)