На поранешниот генерален секретар во владата на СДСМ, Мухамед Зекири, повторно ќе му се суди, бидејќи Апелација ја укина првостепената пресуда на Кривичниот суд, со која беше осуден на затворска казна од две и пол години.
-Апелациониот суд Скопје известува дека, постапувајќи по кривичниот предмет КОКЖ- 16/24, по одржана јавна седница на 05.06.2024 година, на ден 06.09.2024 година, донесе одлука со која ја уважи жалбата на обвинетиот М.З. од С. и пресудата на Основниот кривичен суд Скопје по жалбата и по службена должност, ја укина и предметот го врати на повторно судење пред првостепениот суд.
Жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје, изјавена по однос на одлуката за конфискација, ја оцени како беспредметна во оваа фаза на постапката, информираа денеска од Аплација. Во пресудата е наведено дека второстепениот суд оценил дека обжалената пресуда содржи такви недостатоци поради кои не може во целост да се испита во однос на нејзината правилност и законитост.
,,Изреката на пресудата е противречна, недоволно јасна и разбирлива, а во образложението на пресудата не се содржани доволно причини за решителните факти кои претставуваат обележје на кривичното дело, како и оние од кои зависи примената на определена одредба од Кривичниот законик, што значи суштествена повреда на одредбите на кривичната постапка, поради што обжалената пресуда не може во целост и со сигурност да се испита”, се наведува во пресудата. Од Апелација посочуваат дека во прашање се доведуваат решителните факти кои првостепениот суд ги утврдил.
,,Се доведува во прашање утврдениот односно прифатениот облик на извршување на кривичното дело од страна на обвинетиот – со пречекорување на границите на своите службени овластувања, во смисла што пречекорил обвинетиот М. З., имајќи ги предвид неговите надлежности како генерален секретар на Владата на Р.С.М. и дејствијата на извршување кои што ги презел во конкретниот случај и кои што му се ставаат на товар, односно дека без спроведување на соодветна постапка за јавна набавка, ги склучил предметните договори”, се наведува во пресудата.