Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, изјави дека работите во Босна и Херцеговина значително ќе се комплицираат доколку во Сараево дојде премиерот на Косово, Аљбин Курти, и повтори дека „српскиот фактор“ во БиХ не дозволува и нема да дозволи признавање на Косово, пренесе „Н1“.
„БиХ не го призна Косово. Нема да дозволиме Албанците од тој крај да влезат со лична карта затоа што тоа би значело одредено признавање на т.н. Косово. Во таа насока имаме вест дека Курти пристигнува во Сараево. А, кога интервениравме и рековме дека тоа ќе биде каписла за сериозни проблеми меѓу нас во Босна и Херцеговина, тогаш им текна да го поканат на собир на невладина организација. Затоа, тие се упорни да го донесат во Сараево и да провоцираат, а потоа да ни кажат дека Србија прави нешто погрешно, иако го почитува територијалниот интегритет на БиХ“, рече Додик.
Тој повтори дека Србија го почитува територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина, но „очигледно е дека Сараево не го почитува интегритетот на Србија“.
„Како мислат да одат напред со двојни стандарди и да градат систем во Босна и Херцеговина ако, меѓу другото, одржуваат седница на непостоечко тело (ССМ) во Собранието, иако нема договор или нешто во врска со тоа? А потоа зборуваат за суверенитетот на Босна и Херцеговина. Значи, цело време лажат и двојниот живот што го живеат е сосема неподнослив. Ќе најдат начин да го довлечкаат Курти приватно, ако ништо друго. Но, работите во Босна и Херцеговина значително ќе се искомплицираат по неговото пристигнување во Сараево“, изјави Додик, кој како гостин присуствуваше на панелот „Говорот во Цирих“ во Швајцарија, каде главен говорник беше претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Косовскиот премиер Аљбин Курти ќе го посети Сараево каде треба да одржи говор на продолжената седница на Здружението на независни интелектуалци „Круг 99“.