НА ВЧЕРАШНАТА СЕДНИЦА ВЛАДАТА ПОБАРА ОД ОПШТИНА ОХРИД ДА ГИ СТОПИРА ГРАДЕЖНИТЕ АКТИВНОСТИ НА РЕСТОРАН ,,ПАРК”

0
147

Владата на вчерашната седница ја разгледа и ја усвои Информацијата за спроведување на Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион и донесе заклучок со кој ѝ се укажува на Општина Охрид да превенира градежни работи на локацијата на поранешниот ресторан „Парк-Горица“, до утврдување на фактичката состојба од страна на стручната комисија на Министерството за транспорт и врски, која ќе изврши увид во процесот на издавање и спроведување на одобрението за градење.

„Дополнително, Владата ѝ укажува на Општина Охрид, во рок од два дена да достави Информација за важноста на одобрението за градба на локацијата на местото на ресторан дискотека „Парк“, имајќи предвид дека согласно член 66 од Законот за градење, одобрението за градење престанува да важи доколку инвеститорот не почне со изградба во рок од две години од денот кога одобрението за градење станало правосилно“, соопштија од Владата.

Во врска со спроведувањето на Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион, Владата заклучи да ѝ укаже на Националната установа – Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид и на Управата за заштита на културното наследство, заштитно конзерваторските услови, конзерваторските мислења и стручните контроли за културното наследство во Охридскиот Регион да ги изработува по претходно мислење, односно со учество на Националната установа – Национален конзерваторски центар – Скопје и по претходно мислење на Министерството за култура.

„Министерството за култура, во рок од седум дена од денот на усвојувањето на оваа Информација ќе формира стручна комисија составена од докажани експерти за заштита на културното наследство која ќе дава стручна помош во изработка на актите за културното наследство во Охридскиот Регион, кои ги издава Управата за заштита на културното наследство“, истакнаа од Владата.

Воедно, Владата ги задолжи Министерството за култура, Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за транспорт и врски, Државниот инспекторат за животна средина, а им укажува на Управата за животна средина, Управата за заштита на културното наследство, на општините Охрид, Струга и Дебрца, во взаемна и постојана комуникација и со стручна помош да ги решаваат проблемите со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион се со цел на зачувување на неговата исклучителна универзална вредност.