Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека не очекува земјите-кандидати од Западен Балкан да станат членки на Европската унија пред 2030 година, додавајќи дека до тогаш Украина веројатно ќе биде првата следна земја што ќе се приклучи на Унијата. Според Вучиќ, следни по ред за членство во ЕУ би можеле да бидат Србија, Албанија, Црна Гора и, ако добие поддршка од Бугарија, Северна Македонија.
На панелот „Пристапување на Западен Балкан во ЕУ“ во рамките на Глобалниот безбедносен форум „ГЛОБСЕК 2024“ во Прага, Вучиќ изрази сомнеж во времето на влез на земјите од Западен Балкан во ЕУ, наведувајќи дека интересите на ЕУ и Србија понекогаш се разликуваат. Тој истакна дека, иако сите земји од регионот сакаат да станат дел од ЕУ, не е јасно како ќе изгледа ситуацијата во Унијата, особено со оглед на зголемената исцрпеност на јавноста по прашањето на проширување.
Вучиќ додаде дека Србија е подготвена за промени, но и дека ќе мора да се најде заедничко решение за разликите во ставовите, особено во однос на прашања како што се резолуциите на ОН и територијалниот интегритет на земјата.