На битолските студенти им се заканувале со исклучување на греењето

0
515

studenti-zona-bitola-540x303

На Техничкиот факултет во битолскиот универзитет денеска беше прогласена Автономна зона, а студентите ја бојкотираат наставата и од вечерва ќе преспиваат во предавалните. Опремени се со вреќи за спиење и со храна, но преку социјалните мрежи информираат добиле закани дека ќе им биде исклучено греењето и бараат греалици од граѓаните кои ги поддржуваат.

„Од Деканот на Техничкиот Факултет Битола во кој е прогласена ‪Автономна зона‬ ни е кажано дека во текот на ноќта ќе ни биде исклучено парното греење. Се молат граѓаните да дојдат во Техничкиот факултет Битола и да ни донираат (позајмат) грејни тела бидејќи температурите во текот на ноќта се ниски“, порачуваат битолските пленумци.

Техничкиот факултет во Битола е трет кој прогласи Автономна зона, а најавено е дека утре ќе бидат „ослободени“ Педагошки, ФЛУ, Шумарски и Архитектонски факултет во Скопје.

Битолските студенти од почетокот се соочуваа со обиди за опструкција и тврдеа дека во план е контра-акција од студенти кои за себе велат дека сакаат да учат и со која ќе ја саботираат окупацијата.

Според фотографиите кои ги објавуваат на социјалните мрежи, студентите на битолскиот Технички факултет веќе ги зазеле предавалните, ручаат на клупите и имаат агенда која предвидува проекција на филм по кој ќе следи дебата на тема „Дали веруваме во активизмот и колку сме спремни да се жртвуваме за него?“

Пленумците од Битола апелираат до граѓаните да бидат хумани и да ја изразат својата поддршка преку доназии на основни прехрамбени производи, вода, грејни тела, ќебиња, вреќи за спиење, изомати за на подот.

„За возврат од нас ќе добиете алтернативни предавања, музика во живо, дружење и незаборавни моменти“, порачуваат од таму.