Најчевска ќе ja тужи ДИК затоа што ја избришале од Избирачкиот список

0
541

Професорката Мирјана Најчевска ќе ги тужи членовите на Државната изборна комисија за повреда на избирачко право.

Професорката на својот блог „Квадратура на кругот“ напиша дека кривичната пријава ја поднесува затоа што членовите на ДИК ја злоупотребиле својата положба и противуставно и противзаконски ја избришале од избирачкиот список на Република Македонија.

„Чичаковски и другите го злоискористиле постапувањето по членот 196-б од Изборниот законик да го избришат подносителот на пријавава, наводно поради жителство во ист стан со лице со различно презиме, а родено во период помалку од една година. Иако ова не е законски утврден услов ниту, пак, се работи за противправност од каков и да е вид, врз основа на ова и само на ова, тие претходно го ставиле пријавителот на таканаречен список на спорни гласачи“, пишува во образложението на пријавата што Најчевска планира да ја поднесе.

Името на Најчевска, заедно со уште неколку познати во јавноста личности, се најде во списокот на спорни гласачи кои требаше да се пријават во ДИК, за да го докажат своето постоење, но таа изјави дека нема намера да се пријавува во ДИК.

Извор: Мета