Најтешките денови во животот на Крпач започнале откако бил виден како влегува во СЈО

0
503

Во стручни кругови зголемени се сомнежите дека Владата намерно создава хаос со надлежностите во МВР, за да се скријат траги од пресметки со клучни сведоци кои проговориле за криминалите на власта, пишува Дојче веле.

Во Институтот за судска медицина вчера заврши обдукцијата на телото на Коста Крпач (40), академски сликар, управител на фирмата „Финзи“ и лице аболирано од претседателот Иванов, кој пред два дена беше пронајден мртов во неговиот дом во скопската населба Капиштец. Резултатите кои ќе му бидат предадени на обвинителот надлежен за овој случај, ќе дадат одговор на прашањето дали Крпач се самоубил или бил застрелан од друго лице. И покрај тоа што криминалистичката статистика покажува многу мал процент на самоубиства со застрелување во градниот кош, според извори од истрагата, не е исклучено дека се случило токму тоа. Нова светлина врз случајот фрли вчерашното соопштение на Специјалното јавно обвинителство, според кое, кај нив никогаш не била водена кривична постапка против Коста Крпач и никогаш немал својство на осомничено лице.

До синоќа никој од истрагата не се обратил до Специјалното обвинителство, кое соопшти дека „поседува докази за многу релевантни околности, вклучително и за притисокот под кој се наоѓало лицето Коста Крпач“ и дека СЈО е отворено за соработка со органите на прогонот кои сега ја испитуваат неговата смрт.

Како Крпач станал мета на притисоци? По барање на СЈО, во почетокот на април, судија на претходна постапка одобрил наредба за претрес во домот на Крпач, како и за одземање на документи од Централниот регистар, меѓу кои и за една фирма во која тој во одреден период се јавувал како сопственик. Откако завршила таа постапка, во која тој немал статус на осомничено лице, а била насочена кон истражување активности на други физички и правни лица со кои во еден период Крпач имал деловна комуникација, веднаш се вклучил алармот кај многумина засегнати од истрагата на СЈО. Како што дознава Дојче веле, од тој момент започнале најтешките денови во животот на Коста Крпач. Ситуацијата кулминирала откако бил виден како влегува во зградата во која е привремено сместено СЈО. Евиденцијата на сите што влегуваат во таа зграда ја вршеле лица од доверба на еден претходно осомничен, а сега аболиран началник во МВР. Следењето траело 24/7, по распоред, шема и пунктови. Сите лица што биле снимени дека влегуваат во СЈО, а кои можеле со свое сведочење да станат потенцијална опасност за засегнатите од постапките на обвинителството, потоа биле изложувани на постојано испрашување, „советување“, широкогради ветувања, а ако тоа не давало резултат, следувале енормни притисоци и закани од засегнатите центри на моќ. Тоа му се случувало и на Крпач, без прекин, до кобниот ден. Извори упатени во истрагата, поради суптилноста на информациите поврзани со овој случај, засега не сакаат јавно да коментираат. Но, ја илустрираат сцената и активностите што се одвиваат во неа.

„Криминалните банди во насилството за расчистување на сметките помеѓу сопернички групации или во пресметка со претставници на институции кои им застануваат на криминалниот пат (полицајци, обвинители, судии или политичари) применуваат најбрутални средства со цел да ја остварат својата доминација. Особено загрижува што ваквите групации заштитата ја добиваат од власта, поради испреплетеност на нивните меѓусебни интереси. Токму поради ова, евидентно е дека кај нас досега нема ниту еден насилен инцидент од криминални банди кон претставници на власта. Ова остава широк простор за истражување. Секаде во светот мафијата има за цел да ги отстрани државните службеници кои им стојат на патот, применувајќи најбрутални средства на застрашување, па дури и ликвидации, каков што беше случајот со обвинителот Фалконе во Италија. Кај нас вакви случаи не се среќаваат, поради што се поставува прашањето каде е демаркациската линија помеѓу мафијата и државата. И дали воопшто постои демаркациска линија меѓу мафијата и државата“, вели соговорникот.

Неколку началници уште минатата недела му откажаa послушност на Спасовски и примаат наредби од дополнителниот заменик-министер Митко Чавков. Во стручни кругови се зголемени сомнежите дека Владата намерно создава хаос во МВР со одземање на надлежностите на министерот, за да се спречат или забошатат истраги и да се скријат траги од пресметки со клучни сведоци кои проговориле за криминалите на власта или се подготвуваат да го сторат тоа.

Целиот текст на Дојче веле.