НАЈНОВИ ДЕТАЛИ ЗА (САМО)УБИЕНИОТ КОСТА КРПАЧ!

0
1307

Во станот на застреланиот Крпач не е најдено проштално писмо, неговото тело е најдено во спалната соба, а револверот со голем калибар му стоел од десната страна. Имал прострелна рана на градниот кош, а куршум е најден забиен во креветот. Последен пат бил виден вчера наутро околу 8 часот кога сопругата заминала на работа во УБК. Револверот марка „смит енд весон“ бил легален и се водел на името на застреланиот Коста Крпач, а претходно бил сопственост на неговиот починат татко, објави Телма.

Истрагата не дава други детали, а основното обвинителство во денешниот одговор наведува дека се преземени сите истражни активности. Никаде во својот допис основното обвинителство не наведува дека со сигурност станува збор за самоубиство. Се огласи и специјалното обвинителство: соопшти дека помилуваниот Крпач не бил осомничен туку сведок кој сам се пријавил,  и дека има сознанија за притисок врз сведокот.

СЈО демантира дека тие вршеле било каков притисок врз Крпач и се понуди на колегите од обвинителството да им помогне во нивната истрага за смртта на 40-годишниот скопјанец.

-Лицето Коста Крпач доброволно се јави во ова Јавно обвинителство и истиот имаше својство на сведок во рамки на една предистражна постапка. Соработката со сведокот беше беспрекорна и се работеше за исклучителна личност, така што веста за неговата смрт ги погоди сите вработени во ова Јавно обвинителство. Во оваа прилика, сакаме да изразиме длабоко сочувство до членовите на семејството на сега покојниот Коста Крпач.

Воедно Ве известуваме дека ова јавно обвинителство поседува докази за многу релевантни околности, вклучително и за притисокот под кој се наоѓаше лицето Коста Крпач, но со оглед дека се работи за исклучително доверливи информации, истите нема да бидат соопштени на јавноста во овој момент. Секако, доколку се јави потреба ние сме отворени за соработка со органите на прогонот кои ја испитуваат смртта на сега покојниот, соопшти специјалното обвинителство.

Без детали и министерот за внатрешни работи.

Коста Крпач кој според тврдењето на СЈО е сведок, мистериозно и од никаде се најде на спиоскот 56 помилувани од претседателот Иванов. Специјалното обвинителство и натаму чека Иванов да им одговори од каде му податоци за списокот за аболиција.

-Пред ова Јавно обвинителство никогаш не била водена кривична постапка против сега покојниот Коста Крпач и истиот никогаш немал својство на осомничено лице. Од тие причини за нас нејасна е одлуката на Претседателот на Република Македонија да го помилува токму ова лице и сеуште чекаме одговор на поднесеното барање за достава на податоци од каде му се информациите на Претседателот на Република Македонија дека наводно против ова лице се водела кривична постапка, соопштија од СЈО.

Телма се обрати до кабинетот на Иванов дали ќе бара одговорност од тие што му подметнале сведок на списокот за помилување, Коста Крпач кој почина од истрел во срце. Од таму не добиле никаков одговор. Иванов и во своето постаболициско интервју тврдеше дека како претседател преку своите соработници дознал кого треба да аболира.

Истрагата за смртта на Крпач ќе проверува дали куршумите кои завршиле во комбито спроти зградата на починатиот се исти со куршумот најден во станот, дали барутните честички на облеката и на телото и трагите од крв одговараат на самоубиство или на убиство и дали раната одговара на калибарот на револверот најден до починатиот. Крпач беше аболиран, но сега СЈО откри дека бил сведок. Починатиот беше наведен дека е директор на компанијата Финзи преку која одело набавката и митото на израелска опрема за прислушување за што слушавме во опозициските бомби. Истата фирма беше сопственик и на агенцијата Нетпрес.

Продолжува истрагата за Коста Крпач, иако главниот дел од обдукцијата заврши вчера и резултатите од судска медицина се испратени во јавното обвинителство, се уште нема официјална потврда од таму, дали се работи за убиство или самоубиство, информираа 24Вести.

Од институтот за судска медицина, во лабораторијата се уште се прават некои основни рутински проверки, кои треба да бидат комплетирани како цел предмет. Извори од судска медицина велат дека причината и околностите генерално се утврдени, но квалификацијата на настанот ја определува обвинителството.

Во меѓувреме професорот Атанас Вангелов напиша колумна за дедото на Коста Крпач кој бил авангарда во времето на комунизмот и ја пренел уметничката жичка на Коста кој бил сликар додека потпишувал документи за опрема од Израел:

Името ми звучи многу познато. Со името Коста Крпач се сретнаув уште во Основно, некаде кон крајот на педесеттите во минатиот, 20 век. Во тоа време, во основните осмугодишни училишта доаѓаа главните литерутурни списанија во РМ како, на пример, „Современост“ и „Млада литература“ која згасна кога се роди модернистичкиот „Разгледи.“ Кога го добив престижното место библеoтекар на училишната библиотека, можев да прегледам многу броеви на „Современост“ и „Млада литереатура“ кои, највероатно, им биле наменети на наставниците.

Тогаш и ми се врежа во сеќавањето името Коста Крпач. Беше едно време главен уредник (или само уредник?) на списанието „Млада литература“ во кое ги објавуваа своите песни и раскази тогашните студенти Благоја Иванов, Матеја Матевски, Анте Попоски, Коста Крпач но и веќе познатите, „етаблирани“ писатели, кои имаа објавено книги стихови: Гане Тодоровски и Србо Ивановски. Сите тие млади поети групно поминаа во „Разгледи“ како подлисток на „Нова Македонија“ кој стана бастион на македонскиот модернизам.

Коста Крпач од тоа време беше нешто како прва ведета на тој модернизам. Имаше најмногу и најдолги песни во „Млада литература“ која го крена својот воинствен бајрак  „поинаква“ литература нaспрема онаа која ги следеше каноните на социјалистичкиот релизам уште од времето на Харковскиот конгрес (1934) на советските писатели. Главна парола на таа „поинаква“ литература беше „слобода на уметничкото творештво“. Нешто подоцна, еволуира во „естетски плурализам“, најверојатно адаптација на кинеската формала „нека цветаат сите цветови“.

Кога би сакале, сосем кусо и јасно, да ги определиме главните својства на модернистите на една и на реалистите на друга страна, би можеле да речеме: првите, модернистите, почнаа да се занимаваат со – светот во човекот; вторите, соцрелистити кои, по Људљанскиот реферат на Мирослав Крлежа (1952) го тргнаа од себеси она „соц“ за да го задржат само „реалисти“, се занимаваа со – човекот во светот. Првите, во духот на времето, почнаа да ја следат и бранат уметничката техника „тек на свеста“ која се врзуваше за Џојс, Фокнер и Хемингвеј. Вторите држеа до континуитет во нарацијата, јасност во изразот и каузалност на сликите во текст наспрема „шок-сликите“ без ред и поредок во писмото на модернистите кои Германецот Хуго Фридрих ги врзуваше со лириката на Бодлер и Рембо

Кога, кон средината на педесетите, главните писатели од јадрото на „Млада литература“ станаа познати писатели (Солев, Матевски, Попоски, Иванов), бргу се најдоа во „таборот“ на либералните комунисти чија главна оска стана Крсте Црвенковски. Тој, наводно, на партиски конгрес издејствувал да се најде, во документ на КПЈ, формулата за „творечките слободи“ во областа на уметностите. Меѓу тие имиња го немаше веќе името Коста Крпач. Просто исчезна еднаш за секогаш од македонската литературна мапа. Како и имињаата на други тогаш млади писатели: Верољуб Андоновски, Борис Наумовски, Н. Вангеловски итн.

Многу подоцна, некаде во седумдесетите, можев да го видам „во живо“ некогашниот ултрамодернист Коста Крпач. Доаѓаше поверемено кај „Јоле и Почу.“ Во тоа време важеше за светилиште (храм) на интелектуалната и уметничка, нонкомформистичко-боемска авангарда. Коста работеше во „Вардар-филм“. Беше нешто како референт за медиумски пласман на продукцијата на таа куќа во времето кога, од „Нова Македонија“, поетот Анте Поповски помина во „Вардар-филм“. Нешто подоцна, кога станав професор по „Нова хрватска литература“, се појави и во мојот кабинет на Филолошки факултет. Одвај се осмели да каже која мака го натерала да доаѓа кај мене. Кога, најпосле, го извади својот индекс со сиви корици од педесеттите, се покажа дека го немал положен испитот по „Нова хрватска литература“ од времето кога студирал. Рече дека му требало оценка во индексот. „Заради внучињата“, процеди тивко, одвајчујно.

Ете, тоа се настаните и времето со нивниот, сега, главен актер Коста Крпач кој се самубил според една прва верзија, откако пред тоа пукал во некое комбе пред зградата во која живеел. И тој актер кој се самоубил (или го убиле?) се вика, како и оној за кој зборувам, Коста Крпач. Се работи за едно од „внучињата“ по директна или индиректна линија на некогашниот ултрамодернист Коста Крпач? Има основа така да се мисли затоа што сегашниот Коста бил академски сликар. Тоа упатува на помисла дека е некој наследник на уметничка жичка иако таа, кај неговиот преткохдник по крв, не дошла до полн израз.

И факторот „контекст“ придонесе брзо да го врзам името на самоубиениот (или убиен?) Коста Крпач со оној Коста кој ми се врежа во сеќавањето уште од времето на „Млада литература“. Деновиве, од свои причини, ја препрочитувам лириката на Владимир Мајаковски и Сергеј Есенини. Тоа се двајца знаменити руски поети кои го окончаа својот живот со самоубиство. Прв го стори тоа Есенин, по сломот на неговата врска со ирската балерина Исидора Дункан. По тој повод Мајаковски напиша една песна-критика на гестот на Есенин. Во песната рече: „да се живее не е ново“ (цитат од пртсмртна песна на Есенин), но и да се умре не е поново“. Таа песна му послужи на Мајковски да објасни “как сдедлать стихи“ (како се прават стихови) во една знаменита торетска расправа за духот на лириката.

Зошто ги пишувам овие редови? За да потсетам дека секое самоубиство (ако се работи за тоа во случајот на сегашниот Коста Крпач) има или некоја своја логичка, или афективна мотивација. Првата може да се осветлува и разјаснува. Втората никако, затоа што е длабко интимна. Така зборуваше за тоа Ками.