НАШАТА ГОРДОСТ, ЈАНЕ ВЕЛКОВСКИ НА САМИТОТ НА ОН ВО ЊУ ЈОРК ЌЕ ГОВОРИ КАКО ЗАСТАПНИК ЗА ДЕЦА СО ПОПРЕЧЕНОСТ

0
865

Јане Велковски, единаесетгодишен застапник за деца со попреченост од С. Македонија, ќе му се придружи на УНИЦЕФ на глобалниот самит во Обеднитети нации во Њујорк, на кој децата и младите ќе побараат преземање на акции за заштита и промоција на правата на децата.

Самитот на УНИЦЕФ е дел од прославата за одбележување на Светскиот ден на детето кој се поклопува со 30 годишнината од усвојувањето на Конвенцијата за правата на детето, најшироко ратификуваната спогодба за човекови права во историјата.

„Навистина сум многу возбуден затоа што ова е огромен настан. Истовремено сум многу среќен затоа што ќе можам да му кажам на целиот свет дека сите се еднакви и дека луѓето со попреченост може да ги прават истите работи како и сите други. И дури и да не може да ги прават сите работи, тоа не значи дека не треба да уживаат во животот“ – нагласи Јане.

Јане ќе учествува во интерактивниот дел исполнет со музички настапи, учество на амбасадори на добра волја и креатива. Тој заедно со четири деца ќе учествува на панел дискусијата „Да не изостане ниедно дете: за секое дете, сите права“.

„Јане е инспирација за сите нас и пример што може да постигнат децата ако им се даде фер шанса. Многу сме горди што токму тој ќе ја сподели својата порака со светските лидери. Тој ни покажува дека како и секое дете, децата со попреченост имаат потенцијал за среќен, исполнет живот, витално учество во заедницата и давање свој придонес кон инклузивни и одржливи општества за сите” – изјави Патриција ди Џовани, претставник на УНИЦЕФ.

Во партнерство со Делегацијата на Европската унија и Владата на С. Македонија, УНИЦЕФ во нашата држава организира низа активности за да ја одбележи 30 годишнината од усвојувањето на Конвенцијата за правата на детето. Училиштата низ целата земја се вклучени во активностите за „Најголемата лекција на светот“ и ја пишуваат „Иднината на детството“. Над 1300 деца испратија свои креативни дела кои ќе бидат дел од настанот „За децата, од децата“.

Извор : РадиоМоф