По иницијатива на Антикорупциската комисија од претходниот состав, Скопското обвинителство поднесе обвинителен предлог до Кривичниот суд Скопје против 12 лица од Агенцијата за млади и спорт, неофицијално на чело со Наумче Мојсовски, но и против лица од Македонскиот олимписки комитет, за злоупотреба на службената положба и за Несовесно работење.
Штетата на Буџетот, за која Обвинителството обезбедило докази, неофицијално, засега е околу 5 милиони евра. „За осомничените до Основниот кривичен суд Скопје доставен е предлог за определување мерки на претпазливост“, соопшти кратко ОЈО Скопје. Се претпоставува дека меѓу обвинетите се и членовите на Централната комисија на Агенцијата за млади и спорт.
На трети февруари ДКСК соопшти дека се сомнева оти претседателот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсовски и членовите на Централната комисија во 2020, 2021 и 2022 година, по пат на искористување на службената положба и несовесно работење, заобиколувајќи ги законските процедури, извршиле распределба на пари, со што го оштетиле Буџетот на државата, но и лицата што имале законско право на вакви средства, а не им биле доделени.
Антикорупциска рече ќе достави и иницијатива до Владата за утврдување одговорност кај нив, а до Управата за јавни приходи (УЈП) ќе иницира да изврши надзор на сите спортски објекти од аспект на користење на средствата што им се доделени по пат на ваучер-системот во периодот од 2020, 2021 и 2022 година.
Комисијата исто така укажа и на тоа дека поради законските измени од јануари 2023 година, членовите на Централната комисија на Агенцијата за млади и спорт се именуваат по предлог на Владата, без утврдени критериуми за нивниот избор.