НАРОДОТ СЕУШТЕ ТРПИ ПОСЛЕДИЦИ ОД АНТОЊО – Kичевчани со отворено писмо до Русковска: Таткото на Милошоски на мафијашки начин нѐ избрка од работа од Техничкиот преглед

0
377

Поранешни вработени во Здружението на возачи Кичево цели 11 години талкаат по судовите и ја бараат правдата за своето отпуштање од работа, откако здружението е преземено од страна на таткото на пратеникот Антонио Милошоски, Милош. Тие со отворено писмо се обратија до јавната обвинителка Вилма Русковска, да го расчисти конечно овој случај.

Отвореното писмо, испратено од Спасе Србиноски, поранешен вработен во Здружението на Возачи Кичево го објавуваме во целост:

„Минатиот месец официјално се обративме до јавното обвинителството, каде ги доставивме сите документи за нашиот децениски случај. Сакаме уште еднаш да ве повикаме вас обвинителке Рускоска да го испитате целиот случај и да покренете нова истрага за Кичевското Здружение. По низа изгубени пресуди бараме јавното обвинителство да го преземе предметот кој во 2017 година го оформи Специјалното Јавно обвинителство. Очекуваме предметот да се процесира и правдата да излезе на виделина.

11 години не успеавме да го добиеме назад она што ни беше одземено незаконски. 11 години се обидуваме да докажеме дека таткото на Антонио Милошоски, Милош на мафијашки начин го презеде техничкиот преглед за автомобили во Кичево и не избрка сите вработени.

Во 2010 година Милошоски го започнува походот за нашето здружение отворајќи нова компанија за технички преглед БРЕКОН, каде татко му е еден од двајцата управители. Откако беше изменет законот за технички преглед, здруженијата за возачи имаа за опција да отворат фирма како дел од здружението или посебно. Е па во Кичево, не се чекаше туку фирмата БРЕКОН го презема здружението на возачи што во принцип е невозможно на легален начин. И не само тоа, Милош Милошоски не можеше да биде управител на здружението со завршено средно образование за машинобравар, за таа позиција потребно е да има правен или економски факултет и лиценца од МВР. И нормално и тоа не се испочитува. Еден по еден не брка сите од работа по преземањето на Здружението.

Од нас бараа да дадеме отказ и да бидеме вработени во БРЕКОН, ние одбивме. За разлика од нас екс благајникот на Здружението имаше ист случај, се жалеше во Кавадарци каде го доби судскиот спор но никогаш не беше вратен на работа. Нас пак судот во Кичево ни пресуди дека не сме во право. И тогаш прашавме и еве сега, како може два различни суда за иста работа да пресудат различно. Одговорот после аудио бомбите е јасен – замешал прсти Моќникот од Кичево.

Ние баравме да бидеме вратени на работа и поднесовме кривична пријава до Здружението и Брекон и се разбира ништо не се случи. Да имаш моќ да средиш се во твоја корист на сметка на човечки животи е навистина безобразно.

Во здружението оставивме сметка полна со половина милион евра, а беше задолжено со 300.000 евра. Прашуваме каде отидоа сите пари? Дали некој извршил проверка на работењето? Како успеа Милошоски да уништи се пред себе за да се збогати.

Се уште имаме неисплатени плати, дупка во стаж, нервози, починати луѓе како последица од стресот.Поминавме голгота по судови. Ниту една судска постапка не заврши во наша полза поради влијанието на неговиот син Антонио Милошоски. Бевме сведоци во јавноста дека тој заедно со неговиот татко правеа притисок врз судии и покажуваа моќ во Кичево долги години.Бараме надлежните институции да го испитаат целиот случај и да покренат нова истрага за Кичевското Здружение“.