Нема гаранции дека Бугарија ќе го изгради својот дел од пругата од Коридорот 8, а по таа пруга возовите нема да може да возат повеќе од 60 км на час поради планинскиот предел. Николоски предлага парите од кредитите да се пренаменат за рехабилитација на постоечката пруга од Коридорот 10 за да се овозможи движење на возовите со 160 километри на час, односно да се направи брза пруга.
– Овој дел од пругата кој е долг 24 километри минува низ Крива Паланка каде што треба да се рушат 20 куќи и да се остават без дом 20 семејства. Пругата минува и низ планински дел кој нема да дозволи движење на воз побрзо од 60 километри на час што е проблем во услови на брзи пруги. Но уште позагрижувачко е тоа што на потег од 24 километри треба да се градат 22 тунели за 4 години. Ова е нереална работа за 4 години да се изградат 22 тунела. Ниту една компанија не се нафаќа да го изгради овој дел од пругата. Дополнително пругата завршува во тунел кај нас бидејќи не се знае дали Бугарија ќе се поврзе токму на тој тунел со нејзиниот дел од пругата и дали има намера да ја гради – вели Николоски.