Намерата на меѓународната е да се избегнат санкции, а не да се изречат

0
472

Политичките лидери „ќе решат“ дали евентуални санкции ќе станат крајна нужност, ако се откажат од дијалогот и мерките за излез од кризата, велат извори упатени во инструментите за санкции за Дојче веле.

Намерата е да се се избегнат санкции, а не да се изречат, велат за Дојче веле извори добро упатени во сетот инструменти што можат да бидат употребени од меѓународната заедница, доколку лидерите во Македонија не најдат сили да ги запрат процесите кои земјата ја оддалечуваат од внатрешна стабилност и владеење на правото. Според нив, ова е т.н „фаза на рано предупредување“, но ако ситуацијата галопира кон натамошно влошување, таа фаза може многу брзо да премине во друга, особено ако одговорните во земјата не преземат мерки за справување со причините кои кризата ја водат кон кулминација. Првиот чекор за тоа, без дилеми, е поништување на одлуката за аболиција донесена од страна на претседателот Иванов.

„Јазикот на дијалог, соработка и разбирање е главниот инструмент за кој се залага и на кој се потпира ЕУ. Инструментите за притисок се последното нешто што кој било во ЕУ го посакува. ЕУ очекува употребата на тој инструментариум да стане целосно непотребен, и да биде заменет со зрелост и одговорност на домашните лидери, со консензус за стандардите кои треба да ги достигне државата во унапредување на владеењето на правото, градењето функционални институции, демократија, слободни медиуми…Македонските граѓани тоа го бараат и тоа треба да го имаат“, велат нашите соговорници.

Потенцираат дека исклучиво политичките лидери во Македонија „ќе решат“ дали евентуални санкции ќе станат крајна нужност, со тоа што ќе покажат дали се подготвени да ги елиминираат причините за кризата и да се посветат на продуктивен дијалог.

И покрај навестувањата дека прв чекор може да биде одземањето на препораката за почеток на преговорите, дел од политиколозите сметаат дека ЕУ тешко би се одлучила на таков чекор. Не само што тоа би било преседан во европската практика, туку затоа што враќањето на процесот назад потоа би било многу тешко. Се надеваат дека препораката нема да биде одземена, туку на некој начин „замрзната“ или условена, како што тоа се случи минатата година. Но, се согласуваат и дека таквото попуштање не може да оди во недоглед.

Во моментов сите процеси се блокирани. Нема дијалог меѓу партиите, претседателот Иванов молчи околу очекувањата да ја поништи аболицијата, а се шират шпекулации дека е скициран список за персонални санкции, на кој наводно, се имиња на 12 македонски политичари. За ваквите шпекулации засега нема ни потврда ни демант. Не е извесно дали молкот е затишје пред бура или мал одмор пред нова дипломатска акција, која треба да им помогне на домашните лидери да го најдат изгубениот компас.