М-НАВ Е СТАНАТА СЕМЕЈНА ФИРМА, ИМААТ КОНФЛИКТИ КАКО ШТО ИМААТ ЛУЃЕ ПО ДОМА, КАЖА КОВАЧЕВСКИ ЗА ТЕПАЊЕТО КОНТРОЛОР НА ЛЕТАЊЕ

0
339

Премиерот Димитар Ковачевски смета дека проблемите во М-НАВ се поради тоа што институцијата е станата како семејна фирма, поради вработувања, како што рече тој, до трето колено. На 4 јануари, група од осуммина насилници, еден од нив вработен во М-НАВ, влезе во контролната кула на Скопскиот аеродром и натепа контролор на летање на работното место.

„Со таа институција треба посериозно да се позанимава, не само Владата, туку и ‘Еуроконтрол’. Нивното финансирање е од „Еуроконтрол’. Таму има неколку аспекти кои што треба да се анализираат и да каде што треба да се интервенира Таа фирма сметам дека е станата како семејна фирма, бидејќи кога ќе погледнете таму има до трето колено запослувано. Претседател на синдикат, татко му работел таму, он работи таму и брат му работи таму. На крај тие станале како семејство во кое што имаат конфликти кои што обично се случуваат по дома на луѓе. Премногу случајности има во таа организација кои што имплицираат дека тие случајности не се случајни“, рече Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање на настан во Сарај.

Премиерот најави дека ќе има вонреден инспекциски надзор за работењето на синдикатите на контролори на летање, но вели дека тоа не е политички притисок, затоа што за тоа имало законска можност.

„Ќе има вонреден инспекциски надзор од страна на Трудовиот инспекторат во делот на работење на синдикатите бидејќи таму има повеќе синдикати. Тоа не е притисок врз синдикатите бидејќи има законска можност за тоа“, рече Ковачевски.

За нападот во контролната кула, МВР приведе четворица од насилниците, вклучувајќи го и вработениот во М-НАВ, Беким Незири од ДУИ. Но, Основниот кривичен суд им изрече благи мерки претпазливост, иако обвинителството бараше притвор за нив.