Попладнево заедно со министрите Панче Тошковски и Зоран Љутков, ја посетивме Мала Преспа и Пустец – домот на македонското малцинство во Албанија. Остваривме топли и конструктивни средби со локалното население, а присуствував на свеченото отворање на фестивалот „Македонско културно лето“.
Мала Преспа и Пустец се жив доказ дека етничката и културната разноликост не разделува, туку обединува. Благодарение на официјалниот статус на македонскиот јазик, двојазичното образование, активната дипломатска и прекугранична поддршка од нашата Влада – заедно со посветеноста и ангажманот на локалното население – македонската заедница во Албанија успева да ја зачува својата уникатност, да ја негува врската со матичната земја и да гради мостови на пријателство меѓу двете држави.
На средбите со Македонците од Албанија ги слушнавме нивните предизвици и заеднички се обврзавме дека поддршката нема да остане само на зборови. Преку конкретни проекти и активности, ќе продолжиме да ги јакнеме врските на дијаспората со татковината. Само така ќе ја чуваме и пренесуваме македонската историја, култура и традиција во овој значаен дел од Балканот.
Искрена благодарност за поканата – секогаш со задоволство ќе се враќаме тука, меѓу нашите Македонци.
Фејсбук статус на министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.