Во рамките на Европската Унија гледаме обновен дух фокусиран на процесот на проширувањето, но она што треба да го видиме во пракса е затворање на јазот, што очигледно постои во овој момент помеѓу создадените очекувања и нивната реализација, изјави денеска во Варшава македонскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
– Она што можам да го кажам, претставувајќи ја мојата држава, е дека ќе бидеме посветени на реформите, ќе бидеме посветени на усогласување со законодавтсвото на ЕУ, ќе бидеме посветени на Реформската агенда што е составен дел од Планот за раст, но на крајот на краиштата, очекуваме Брисел, како и земјите членки, да го исполнат многу јасното ветување што беше дадено кон Западниот Балкан пред многу, многу години, изјави Муцунски при пристигнувањето на неформалниот состанок на шефовите на дипломатиите на земјите членки и на државите кандидати и потенцијални кандидати за членство во Унијата што се одржува во Варшава.
Муцунски нагласи дека е потребна посветеност на проширувањето во пракса, но дека, исто така, конечно треба да заврши процесот на билатерализација на пристапниот процес на државите од Западниот Балкан од страна на многу од земјите членки на ЕУ.
– Се повеќе слушаме за јасна перспектива, што доаѓа и од новата Комисија, како и од земјите членки, но сега е време не само за зборови, туку и за реализација, потенцира Муцунски.