Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски во гостување на тв Сител говореше за лекувањето на македонските пациенти во странство, како и за тековниот процес на нивно враќање во државата.
„Во моменти кога ќе се соочите со болката на семејствата на загинатите, недостигаат вистинските зборови. Но, добро е што по ваква трагедија има и светли точки – младото момче Јован кое херојски се жртвуваше за да помогне, и пациентот кој денеска се врати дома од лекување – првиот што се враќа по ваква тешка здравствена борба“ истакна министерот Муцунски.
Тој информираше дека Министерството за надворешни работи и надворешна трговија го започна процесот на враќање на пациентите и нивните семејства. Изготвен е протокол од страна на стручни медицински лица, кој е споделен со болниците преку дипломатско-конзуларните претставништва. Согласно најавите, се очекува до крајот на неделата да се вратат уште неколку пациенти, но – како што подвлече министерот – нема да се дозволи ни минимален ризик по нивното здравје.
„Ова е комплексен логистички процес, но сметам дека пациентите и нивните најблиски добија соодветна поддршка, со оглед на сериозноста на ситуацијата. Од досегашните посети можам да потврдам дека имаат квалитетна здравствена услуга, искрено внимание и чувство дека нашите деца се третираат како нивни“ додаде тој.