„Целосно сме посветени на спроведување на неопходните реформи за трансформирање на нашето општество во согласност со правилата и стандардите на ЕУ, особено во четирите клучни области на владеење на правото“ Mинистерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска во Брисел учествуваше на официјалниот состанок на Советот за општи работи на Европската Унија (ГАК).
Ова е прв пат Северна Македонија, Црна Гора, Албанија и Србија да бидат вклучени во Извештајот на Европската комисија за владеење на правото, нудејќи им можност на министрите од земјите-кандидатки, во инклузивна средина, заедно со министрите од земјите-членки на Унијата да разменат мислења за прашања поврзани со владеење на правото.
Министерот Муртезани, на Состанокот ја поздрави одлуката за вклучување на Северна Македонија во Механизмот на ЕУ за владеење на правото, кој ќе обезбеди јасна патека за следење и оценување на нашиот напредок кон усогласување со стандардите на ЕУ, осигурувајќи дека ги исполнуваме демократските одредници и одредниците за владеење на правото неопходни за членство во Унијата.
„Нашето вклучување во Механизмот на ЕУ за владеење на правото означува критичен чекор во нашата забрзана интеграција во Европската Унија. Гледајќи напред, бараме целосно учество на земјите кандидати во овој механизам, вклучително детални препораки и мониторинг, што ќе придонесе за брзо усогласување со европските стандарди. Ова не само што ќе ја подобри нашата рамка за владеење на правото, туку и ќе ја олесни подлабоката интеграција во европскиот систем на економско управување – два процеса кои мора испреплетено да се одвиваат.“ – истакна Муртезани.
Во продолжение е интегралното обраќање на МЕП Муртезани од ГАК:
Обраќање на МЕП Муртезани на официјалниот состанок на Советот за општи работи
на 24 септември 2024 година, Брисел
Почитуван претседавач, почитувани колеги, Би сакал да започнам со изразување на благодарност од име на Владата и од мене лично до Претседателството со Советот на Европската Унија што го препозна овој критичен момент и нѐ покани да учествуваме на овој значаен состанок на Советот за општи работи. Признавајќи ја важноста на реформите за владеење на правото, ние континуирано се залагаме за наше вклучување во Механизмот на ЕУ за владеење на правото. Денеска, топло ја поздравуваме одлуката за вклучување на Северна Македонија во оваа рамка, која е клучна компонента на новата методологија за пристапување.
Овој механизам ќе ни обезбеди јасна патека за следење и оценување на нашиот напредок кон усогласување со стандардите на ЕУ, осигурувајќи дека ги исполнуваме демократските одредници и одредниците за владеење на правото неопходни за полноправно членство. Од нашата независност во 1991 година, Северна Македонија остана цврста на својот стратешки приоритет за влез во Европската Унија. Никогаш немаше колебање во нашата посветеност. Аплициравме за членство во 2004 година, добивме кандидатски статус во 2005 година, а во март 2020 година, Советот ја одобри одлуката за отворање на пристапните преговори – што се совпаѓа со нашето историско членство во НАТО како 30-та членка на Алијансата.
Официјалниот почеток на пристапните преговори, обележан со Меѓувладината конференција во јули 2022 година и успешното завршување на скрининг-процесот во 2023 година, ја одразува нашата непоколеблива определба и посветеност на овој пат. Дозволете ми да нагласам дека процесот на пристапување во ЕУ не е каков било приоритет – тој е главниот приоритет на новата Влада, покрај економскиот развој.
Целосно сме посветени на спроведување на неопходните реформи за трансформирање на нашето општество во согласност со правилата и стандардите на ЕУ, особено во четирите клучни области на владеење на правото: правосудство, напори за борба против корупцијата, слобода на медиумите и институционални контроли и рамнотежи.
Во Извештајот за владеење на правото за 2024 година, нашиот прв Извештај во рамките на Механизмот на ЕУ, се истакнува значителниот напредок што веќе го постигнавме. Сепак, во него исто така се истакнуваат областите каде што е потребно понатамошно подобрување, особено во зајакнувањето на нашите законски рамки и институции.
Овие наоди се усогласуваат со Скрининг-извештајот за фундаментални вредности и Годишниот извештај на Европската комисија. Како одговор на тоа, проактивно осмислуваме нови реформи, опфатени во нашиот Патоказ за владеење на правото и нашата Реформска агенда за периодот 2024-2027 година, според Планот за раст на Европската комисија за Западен Балкан.
Дозволете ми накратко да ги наведам нашите клучни реформски приоритети:
Реформи во правосудството: Северна Македонија направи значителен напредок во реформите во правосудството, фокусирајќи се на независноста, ефикасноста и професионализмот. Нашата Развојна секторска стратегија за правосудство (2024 – 2028) и Акцискиот план за спроведување на Развојната секторска стратегија за правосудство (2024 – 2028) ќе ги продлабочат овие напори, со акцент на ревидирање на правосудното законодавство во согласност со препораките од оценската мисија. Посветени сме на зајакнување на транспарентноста, отчетноста и интегритетот во правосудниот сектор, а истовремено ја подобруваме неговата финансиска независност и дигитализација. Враќањето на довербата на јавноста во нашето правосудство е најважно.
Борба против корупцијата и организираниот криминал: Борбата против корупцијата, особено на највисоките нивоа, останува еден од главните приоритети на Владата. И покрај присутните ризици од корупција, ние активно развиваме нов Кривичен законик во согласност со стандардите на ЕУ. Исто така, градиме капацитети за спроведување на законите, воведуваме рамки за поврат на имотот и ја подобруваме евиденцијата од истрагите, гонењето и конфискациите поврзани со корупција и организиран криминал. Силните, професионални институции се од суштинско значење за да се обезбеди правда, без разлика кој ја има моќта на одлучување.
Слобода на медиумите и плурализам: Нашата посветеност во областа на слободата на медиумите е непоколеблива, но ја препознаваме потребата да се создаде уште поповолно опкружување за новинарите. Нашите приоритети вклучуваат усогласување на нашата правна рамка за онлајн медиуми, обезбедување независност на нашиот национален радиодифузер и зајакнување на правната заштита и работничките права на новинарите. Ние сме посветени и на борбата против дезинформациите и лажните вести, како и на обезбедувањето брзи истраги за нападите врз медиумските работници. Нашето медиумско опкружување мора да биде водич на демократскиот дијалог, но истовремено мора да биде заштитено од надворешно мешање.
Зајакнување на демократските институции: Ние сме посветени на зацврстувањето на нашите демократски процеси преку засилување на надзорот на Собранието врз извршната власт, зголемување на транспарентноста и обезбедување поголема отчетност во државните институции. Клучните законодавни реформи, како што се измените на Законот за Народниот правобранител, ќе се усогласат со Париските и со Венецијанските принципи, обезбедувајќи ефикасно функционирање на механизмот за граѓанска контрола. Понатаму, ние сме посветени на зголемување на правата на малцинствата и ранливите групи, во согласност со нашиот Патоказ за владеење на правото.
Дами и господа, Нашето вклучување во Механизмот на ЕУ за владеење на правото означува критичен чекор во нашата забрзана интеграција во Европската Унија. Гледајќи напред, бараме целосно учество на земјите кандидати во овој механизам, вклучително детални препораки и мониторинг, што ќе придонесе за брзо усогласување со европските стандарди. Ова не само што ќе ја подобри нашата рамка за владеење на правото, туку и ќе ја олесни подлабоката интеграција во европскиот систем на економско управување – два процеса кои мора испреплетено да се одвиваат.
На крајот, дозволете ми да потврдам дека Северна Македонија останува целосно посветена на исполнувањето на своите обврски во процесот на пристапување кон ЕУ. Свесни сме за сложеноста и барањата кои произлегуваат од ова патување, но сме подготвени тесно да соработуваме со новата Комисија и новиот комесар за проширување, потпирајќи се на вредните искуства на земјите членки на Унијата.
Нашата цел е јасна: да ги завршиме сите неопходни реформи до 2028 година и да бидеме подготвени за влез во Европската Унија до 2030 година, како што беше ветено на првата политичка Меѓувладина конференција. Со одлучност, посветеност и напорна работа, уверени сме дека оваа цел ни е на дофат. Ви благодарам.