МУКАЕТОВ ДО РАКОМЕТАРКИТЕ : ВЕРУВАЈТЕ ВО СЕБЕ, РФМ СТОИ ЦВРСТО ЗАД ВАС

0
485

Раководството на Ракометната федерација на Македонија, оствари средба со сениорките и со стручниот штаб, во пресрет на почетокот на Европското првенство во ракомет за жени, кое ќе се одржува во Скопје, Љубљана, Целје и Подгорица, од 4 – 20 ноември годинава.

– Сѐ што треба да направите, е да верувате во себе, да верувате во тимот, да бидете посветени и да се борите до крај. Без калкулации и без потклекнување и предавање пред фаворитите, а со борба за секоја топка! – истакна претседателот на РФМ Живко Мукаетов во своето обраќање пред сениорките и стручниот штаб, потенцирајќи дека федерацијата стои цврсто зад нив и со безусловна поддршка, а со само едно барање – игра со срце на терен.

Ракометарките изразија благодарност за вложените напори на македонската куќа на ракометот – за можноста да играат Европско првенство на домашен терен, а со тоа и да го вратат сјајот на женскиот ракомет во земјава.

Скопје по 14 години повторно ќе биде домаќин на европската ракометна елита. Арената „Борис Трајковски” е со комплетно обновена спортска инфраструктура, по терк на високите ЕХФ стандарди. Натпреварите од групата Ц, македонската селекција ќе ги одигра против репрезентациите на Франција (5 ноември), Холандија (7 ноември) и Романија (9 ноември).