МУАРЕМИ ДО РУСКОВСКА : ОДГОВОРНОСТ ЗА ВАШЕТО САМОВОЛИЕ МОРА ДА ИМА, АКО ИМАТЕ ДОКАЗИ ПРОТИВ МЕНЕ ДОКАЖЕТЕ ГИ СО ОБВИНИТЕЛЕН АКТ

0
431

Јавните прозивки и обвинувања помеѓу шефовите на Управата за финансиска полиција (УФП) и на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Арафат Муареми и Вилма Русковска, по претресот во УФП, продолжија и денеска. Директорот на финансиската полиција ѝ одговори на обвинителката дека одговорност за нејзиното самоволие мора да има.

Откако Русковска вчера рече дека е подготвена информациите што ги има нејзиното обвинителство и што ќе ги обезбеди за Муареми да ги сподели со јавноста, па таа нека суди кој е криминалец, а кој борец против криминалот, директорот на УФП во реакција вели дека ако таа располага со сознанија и информации за криминал што тој го направил, тогаш со јавноста нека сподели обвинителен акт, а не празни и неосновани информации.

„Улогата на еден јавен обвинител најмалку од сè е да изјавува дека ќе сподели сознанија и информации со јавноста за таа да суди кој е криминалец. Обвинителката Русковска како намерно да заборава дека криминалот се докажува во рамки на институциите, а граѓаните се тие кои им укажуваат доверба врз основа на нивната работа. Обвинителке, ако се земат последните анкети предвид, довербата на јавноста и не ви е многу наклонета. Оттука, ја повикувам Вилма Рускоска, доколку располага со сознанија и информации за сторен криминал од моја страна – истите да ги докаже и на јавноста да ѝ пласира обвинителен акт против мене, а не празни и неосновани сознанија и информации, дискредитирајќи ја во целост функцијата која ја извршува – вели Муареми.

Тој во реакцијата додава дека негонењето криминал поради притисоци е кривично дело, а за честа и угледот на обвинителната вели дека е беспредметно да коментира.

Во врска со повикот на Русковска меѓународната заедница и европската обвинителка Лаура Ковеси да ги проверат сите предмети што ги работи нејзиното обвинителство и да се расчисти кој во оваа држава се бори против криминал, а кој прави криминал, Муареми одговара дека се придружува на повикот. Меѓутоа, како што вели, за меѓународната заедница да го провери нејзиното незаконско работење што го констатирал и државниот обвинител Љубомир Јовески.

„Се придружувам и јас кон вашиот повик до амбасадите и сите страни на кои се повикувате за ’помош‘ – нека го потврдат и тие она што јавниот обвинител на Република Северна Македонија го утврди со надзорот над вашето незаконско работење и неетичко постапување. Одговорност за вашето самоволие мора да има – вели Муареми во реакцијата.

Изјавата на директорот на финансиската полиција доаѓа по вчерашниот повик на Русковска кон меѓународната заедница да реагира поради притисоци од негова страна.