„Мртвиот“ охридски лебед, што го влечеше туристка е жив, но со повредено крило

0
686

Фотографиите, снимени пред неколку денови во Охрид, а на кои се гледа како туристка „од една соседна земја“, извлекува повреден лебед од водата, наводно, за да се слика со него, и понатаму се повод за коментари, реакции и за осуда по социјалните мрежи и во текстови во македонските и во светските медиуми.

Реакциите се движат од згрозување, до сериозни обвинувања за институциите што дозволиле вакво нешто да се случува пред очите на јавноста.

Иако во некои медиуми се појави информација дека лебедот починал, тој и понатаму е на истото место, на влезот во пристаништето кај споменикот Богојавление Водици. Десното крило му е сериозно повредено, вкочането и неподвижно.

– Мајка ми веќе неколку дена го храни лебедот на кој му е скршено крилото. Во Охрид нема услови за лекување на такво животно. Треба стручно лице да го прегледа и да го лекува. Не е во животна опасност, но не може да функционира – вели охриѓанка за порталот Мета.

Лебедот, сепак е жив, но е повреден и му треба стручна помош.

Лебедот итно треба да се однесе во Скопје, на Ветеринарниот факултет, или во Зоолошката градина, каде би можело да му се укаже соодветен третман и да му се помогне.