Претседателката зборуваше за неправдите што ѝ биле направени на Македонија и образложи план за реформирање на Обединетите нации и Советот за безбедност.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова пркосно одби да го изговори новото име на државата при поднесувањето на заклетвата во Собранието, но од говорницата на Обединетите нации го кажа без ни малку колебање – „Мојата држава, Република Северна Македонија“.
Во делот од излагањето на шеф на македонската делегација во дебатата на генералното собрание, зборувајќи за јазот меѓу правдата и правото во меѓународните односи, Сиљановска рече:
„Се разбира, новото име е формално-правна реалност и мојата држава Република Северна Македонија, како одговорна земја членка на Обединетите нации и на НАТО, ги исполнува меѓународните обврски“.
Таа зборуваше за неправдите кои ѝ беа направени на Македонија уште со приемот во ОН под привремената референца во 1993, а потоа и за Преспанскиот договор со кој беше сменето името и решен спорот со Грција, повикувајќи се на времето кога беше професорка по уставно право и член на Венецијанската комисија:
„Како професорка по уставно право и како поранешна членка на Венецијанската комисија, знам дека она што е легално не секогаш е праведно и легитимно, оти во случајот на мојата држава, не се постапуваше во согласност со меѓународното и националното право, односно ‘се заборави’ правото на самоопределување на секој народ, загарантирано со Повелбата на ООН и уставот на СФРЈ од 1974 година.
Линијата којашто го двои легалното од праведното, понекогаш е само пукнатина, но друг пат е длабок јаз, па дури и бездна. Тој јаз, таа бездна најчесто и најтешко ги погодува малите народи и држави коишто се први жртви на судирот меѓу силата и правдата, оти може да биде непремостлива препрека за остварување на правото на прогрес.
Се разбира, новото име е формално-правна реалност и мојата држава Република Северна Македонија, како одговорна земја членка на Обединетите нации и на НАТО, ги исполнува меѓународните обврски. Но, членството во ЕУ, заради кое го прави тоа, не само што не се оствари, туку македонските граѓани сега се пред нов, повторно ‘последен услов’ за уште една уставна измена, но, не за членство, туку за почеток на преговорите и тоа по втор пат“, рече Сиљановска.
Потоа, во делот околу Македонија, таа зборуваше дека онаму каде што има вето често пати има и неправди и од нашите стратешки партнери побара разбирање и „праведно деблокирање на процесот“ за преговори со ЕУ“.
„Како мирољубива држава, посветена на добрососедството и на регионалната соработка, очекуваме разбирање и соработка со нашите соседи, без закана со вето, зошто каде што има вето, честопати, нема правда. Ветото стана инструмент за билатерализација на евроинтеграцијата, односно нејзина стагнација. Во услови на конфликт на европското тло, стагнацијата на евроинтеграцијата не само што ги демотивира македонските граѓани и ги забавува реформите, туку и го дестабилизира регионот на Југоисточна Европа, оставајќи простор за продор на малигни империјални и великодржавни влијанија.
Од нашите европски и стратешки партнери очекуваме разбирање и праведно деблокирање на процесот на преговорите за членство во Европската унија, отфрлање на двојните стандарди и почитување на сопствените принципи и вредности, вградени во основните уставни документи“.
Потоа, таа се префрли на неправдите и во светот за што зборуваше поопширно. Нејзиниот говор траеше 25 минути, иако самата во денешното интервју за МИА рече дека обраќањата се ограничени на 15 минути, освен за првите три држави во распоредот на говорите: Бразил, САД и Турција.
„Линијата којашто го двои легалното од праведното се провлекува не само во македонскиот случај, туку и низ речиси сите прашања што се на агендата на Обединетите нации, вклучително и оние опфатени во темата на годинашнава генерална дебата. Соочени сме со големи прашања“, рече Сиљановска и ги наведе: мирот, амбиентот на двојни стандарди, праведен развој, социјална правда, неограничената експлоатација на ограничените ресурси и алармантното ниво на стакленички гасови.
„Главниот проблем е што сите овие неправди се системски, што значи, дека ако не се легализирани, тогаш се премолчено толерирани. Она што е легално, за жал, не секогаш е праведно и морално“. И постави реторичко прашање: како правното да стане и праведно, односно праведното легално? И, како, она што е легално и праведно да се имплементира?
„Резолуциите на ова генерално собрание ја одразуваат волјата на мнозинството нации, но не секогаш се доследно почитувани.
Меѓународниот суд на правдата е крајната инстанца на правда меѓу државите, а сепак неговите пресуди не секогаш се спроведувани, па дури и се третираат како совети“.
Сиљановска зборуваше и за војната во Украина без експлицитно да каже дека се работи за руска агресија.
„Македонската држава цврсто стои на ставот дека територијалните претензии и обидот да се стекне територија со сила се флагрантно кршење на Повелбата на Обединетите нации. Кога опасните преседани остануваат неоспорени, тие се трансформираат во толерирани практики што ги загрозуваат светскиот мир и безбедноста. Затоа, ние ги поддржуваме заложбите за одржлив, праведен и траен мир во Украина, втемелен врз меѓународното право, вклучително и Повелбата на Обединетите нации“.
Таа се заложи и за реформи на Обединетите нации, а Генералното собрание да добие поголема улога во одлучувањето, како претставничко тело на народите. „Легитимитетот на Советот за безбедност извира од Генералното собрание, па тој треба да функционира како своевидна коалициска влада на народите“.
Говорот го заврши со реченицата:
„Само суштински реформирани, Обединетите нации можат да го надминат јазот меѓу легалното и праведното и да придонесат кон вистински трансформиран свет во кој никој нема да биде оставен и заборавен. Like in the song of John Lennon Imagine“.