МОСТ: Владата и останатите институции не успеаја да обезбедат услови за одржување на фер и кредибилни избори на 5 јуни!

0
566

„Денешната прес-конференција произлегува од досегашното набљудување на предизборниот период во рамките на проектот „Патоказ кон слободни и фер избори“, односно претставува сублимат на сите досегашни реакции и заклучоци на МОСТ презентирани во јавноста.

Започнувајќи од декември 2015 г., МОСТ распореди 80 набљудувачи во сите општини во РМ и будно ја следеше работата на ДИК, како и активностите на јавните институции и политичките партии, во насока на обезбедување на услови за одржување на фер и кредибилни избори.

По завршувањето на вкрстените проверки на податоците во Избирачкиот список со базите на податоци од други 10 институции, Државната изборна комисија идентификуваше околу 310.000 сомнителни записи во Избирачкиот список кои требаше да се проверат. Беше одлучено околу 87.000 избирачи да бидат проверени на терен од страна на ДИК, а останатите 220.000 да бидат административно проверени од страна на надлежните институции.

Теренската проверка на Избирачкиот список не беше спроведена транспарентно. Иако ДИК на последните седници усвојуваше збирни извештаи за спроведување на теренската и административната проверка, тие извештаи не беа објавени на нејзината веб-страница. Истото важи и за конечниот извештај од теренската проверка усвоен на 26 април – и тој се уште не е објавен на веб-страницата на ДИК. Јавноста не смее да биде информирана, а со тоа и да носи заклучоци за овие процеси врз основа на поединечни изјави на членовите на ДИК. Покрај нетранспарентноста на теренската проверка, МОСТ забележа и укажа на повеќе недоследности во нејзиното спроведување.

Од мнозинството кое одлучува во ДИК бараме да објави колку средства се потрошени за спроведување на вкрстените проверки на Избирачкиот список, како и за теренската проверка. Покрај потрошените финансиски средства, ДИК вложи многу време и напори во овој процес за на крај тоа да резултира со поделено гласање на членовите на ДИК и со нејасни резултати од теренската проверка. Дополнително, Собранието ја пропушти можноста да донесе законски измени кои ќе овозможеа отстранување на оние избирачи кои немаат право да бидат на Избирачкиот список. До денес, не е отстранет ниту еден избирач, освен оние кои се починати.

Дел од дописите кои МВР и ги испраќаше на ДИК во врска со податоците од Избирачкиот список беа без потпис од министерот за внатрешни работи, а истото се однесува и на списокот на службеници во администрацијата кој МИОА го достави до ДИК, каде што недостасуваше потписот на дополнителниот заменик министер. Прашуваме дали дописот за податоците кои еден ден по распишувањето на изборите МВР ги достави до ДИК, како и останатите дописи во врска со проверката на Избирачкиот список се потпишани и од министерот и од неговиот дополнителен заменик. Оваа обврска е пропишана во член 46, став 3 од Законот за Владата на РМ кој беше донесен во согласност со Договорот од Пржино. Доколку не се потпишани, согласно член 47 од истиот закон овие дописи не произведуваат правно дејство, а согласно член 48 став 3, во случај на сомневање за незаконско постапување од страна на министерот или неговиот дополнителен заменик, може да се поднесе тужба до надлежниот суд. Поради ова, бараме од МВР да објави извештај за сите проверки спроведени по барање на ДИК, како и за добиените резултати од тие проверки.

Повторно потсетуваме дека формата во која моментално е објавен Избирачкиот список е во спротивност со член 31, став 2, точка 28-г од Изборниот законик. И покрај тоа што првично ја поздравивме одлуката на ДИК да поведе управен спор против решението на Дирекцијата за заштита на лични податоци, сметаме дека ДИК требаше да постапува според матичниот закон, односно според Изборниот законик, и да не го отстранува Избирачкиот список од нејзината веб-страница во формата во која што беше објавен. Овие постапки не придонесуваат кон обезбедување доверба на граѓаните во Избирачкиот список, а со тоа и во изборниот процес.

Формата во која првично беше објавен Избирачкиот список и можноста за пријавување на сомнителни гласачи придонесоа до ДИК да пристигнат 6.795 пријави за сомнителни гласачи. Сепак, до денес ДИК се уште не постапила по околу 3.000 пријави, односно проверени се само оние гласачи кои се појавиле во резултатите од вкрстените проверки.

Го прашуваме мнозинството кое одлучува во ДИК како ќе обезбеди еднаквост на правото на глас, имајќи предвид дека изборните единици 3, 4 и 6 веќе го надминуваат дозволеното отстапување од +/-5% во однос на просечниот број на избирачи по изборна единица.

Сите овие постапки споменати претходно не влеваат доверба кај јавноста во процесот на прочистување на Избирачкиот список, а следствено на тоа и во неговиот квалитет. Секој треба да е свесен дека непочитувањето на законот предвидува и санкции и дека еден ден ќе се направи ревизија на комплетното работење и законитоста во постапувањето на членовите на овој состав на ДИК.

Потенцираме дека согласно Договорот од Пржино, прочистувањето на Избирачкиот список требаше да придонесе кон зголемена доверба во истиот, а со тоа и во целокупниот изборен процес. Покрај посочените проблеми во врска со прочистувањето на Избирачкиот список, МОСТ исто така укажуваше и на злоупотреба на државни ресурси за партиски цели, непостоење на поделеност на државата и партијата, како и притисоци врз вработените во администрацијата.

Со оглед на сите овие недоследности и прекршувања на кои МОСТ укажува веќе подолг временски период, а кои се игнорирани од мнозинството кое одлучува во ДИК и од останатите надлежни институции, со жалење може да констатираме дека Владата на Република Македонија и останатите институции не успеаја да обезбедат услови за одржување на фер и кредибилни избори на 5 јуни“, соопштуваат од МОСТ.