Планираме и кампањски активности за подигнување на свеста за спречување и заштита од дискриминација и сегрегација, со опфат на возрасните од кои најчесто потекнуваат овие идеи, вели Елена Ивановска, државна секретарка во МОНСегрегирање, дискриминација или која било друга форма на отфрлање на младите од училишната заедница, е строго забрането и казниво.
За ова веќе постојат одредби во Законот за основното образование, но планираме да ги зајакнеме во процесот на надградба на регулативата а и да ги отсликаме во законите за средно и за стручно образование и обука, истакна денеска Елена Ивановска, државна секретарка во Министерството за образование и наука, на општинската тркалезна маса „Инклузивно образование и поттикнување на социјална кохезија“, што се одржа во Битола. „Планираме и кампањски активности за подигнување на свеста за спречување и заштита од дискриминација и сегрегација, со опфат на возрасните од кои најчесто потекнуваат овие идеи.
Активностите за измена на регулативата, носењето нови наставни планови и програми, обуките на наставниците, вложувањата во инфраструктура, соработката со меѓународните институции и организации, инсистирањето на поголемо вклучување на родителите во работата на училиштата и јавните дебати се насочени кон создавање систем на образование што на секој млад човек му дава можност да успее, без оглед на неговото потекло, вера, националност, пол“, рече таа.
Како што потсетуваат во МОН, има посебен протокол за пријавување и заштита на ученик-жртва на која било од формите на насилство, злоупотреба и занемарување, врз основа на кој во училиштата се формира тим од наставници, стручни соработници и родители, којшто презема конкретни мерки и активности за превенција и заштита, меѓу другото, и во случаите на социјално насилство.
„Училиштето не смее да дозволи одвојување на еден ученик, или група, од другите врз основа на различност, ниту да го доведе во позиција на нерамноправност и нееднаквост, да го дискриминира или игнорира. Но сепак, и за жал, оваа појава постои како предизвик и сите ние мораме заеднички да се заложиме за да го надминеме“, рече Ивановска.
Пишува: Антонија Поповска, МЕТА.МК