Молчаливиот узурпатор кој ја нападна Германија

0
970

Да не му се верува на човек. Лицето кое се претставува како претседател на Република Македонија – прозборе! Никој не ја сакал Македонија! Па уште ја прозива Германија да даде извештај за тоа што и колку ѝ дала на Македонија! Дека ЕУ извршила предавство на Македонија! Малку му е што по седми пат се продолжува препораката со која Македонија, сепак, ќе го задржи кандидатскиот статус за членство во ЕУ. Малку му се стотиците милиони евра и долари кои власта со години ги добива за едно, а ги троши за друго.

Тој бара почит за Македонија, а не зборува за тоа дека можеби почитта изостанала токму за него и неговите стопани во власта. Македонија и тој се две различни приказни. Граѓанките и граѓаните на Македонија кои ја сакаат својата земја и кои ја почитуваат институцијата Претседател, не го ставаат него во истата категорија.

Германија ја помага и ја почитува Македонија, но не знаеме дали тоа важи за корумпираните македонски политичари кои не покажале ниту љубов, ниту почит за сопствената земја. Се надевам дека Германија и, воопшто, меѓународната заедница, нема да им дадат пари на овие овде за справување со бегалската криза. Се надевам дека нема да им дадат пари за ништо!

Се надевам дека никој таму не е луд да даде пари на некој што е толку очигледно корумпиран и против кого се води истрага за злоупотреби, корупција, криминал и изборни кражби.

Кога Германија би доделила финансиски средства за Македонија во овој момент, тоа би било голем ризик за парите на германските даночни обврзници. Тие пари, едноставно, ќе бидат злоупотребени, како и многу други пред тоа.

Граѓанките и граѓаните на Македонија, како и меѓународната заедница, веќе имаат непријатни и горчливи искуства со една клика на власт која ги злоупотребува парите за сопствено богатење и масовна политичка корупција и клиентелизам.

Многу е веројатно дека парите кои Германија евентуално би ги доделила на македонските властодршци во овој деликатен момент, среде крајно проблематичен изборен процес и политичка криза настаната поради криминал и злоупотреби на моќта, ќе бидат злоупотребени за да се организира уште една изборна кражба и полнење на веќе преполнетите приватни џебови на властодршците во оваа земја. Може да се очекува дел од парите да отидат за купување на уште некој плац за експремиерот, на пример.

Овие проценки не се измислица, туку се засновани на сознанијата кои ги добивме од прислушуваните разговори кои ги објави опозицијата во 2015 година. Колку пати екс-премиерот и неговите соучесници отвораа еден ист објект? Колку пати промовираа проекти кои беа потполн неуспех, односно беа само една обична популистичка пропаганда? И колку од тие проекти кои екс-премиерот ги претставуваше како да се личен подарок од него, се проекти финансирани од меѓународната заедница? Според тоа што го зборува, инаку молчаливиот претседател на Македонија, ознаките на ЕУ на автопатите низ Македонија, германското знаме, американското и низа други, се декоративен елемент.

Не велам дека европската политика нема пропусти и тоа сериозни, но конзистентноста со која токму Германија, неколку други европски земји и САД, ја поддржуваат Македонија е невидена во историски рамки. Сега, токму германската влада е на тапет на „лутиот“ претседател како што го нарекоа во високотиражниот германски весник „Билд“.

Дрско и арогантно прозива влади на пријателски земји и обвинува за предавство, со што ја претстави земјата, уште еднаш, во крајно лоша светлина.

Човекот кој, како универзитетски професор, во минатото се продаваше како познавач и застапник на човековите права и слободи, се претвори во соучесник во злоупотреби од масовни размери, структурно насилство, институционализирана дискриминација и систематско кршење на човековите права и слободи.

Тој, истиот, како соучесник во изборните манипулации и кражби, нелегитимно ја окупира, злоупотребува, а најмногу од сѐ – ја срами институцијата Претседател, одговорна институција која е исклучително важна за меѓународниот имиџ на земјата. Не ја срами само со своите гафови, недоделкани настапи и намигнувањето со американскиот претседател. Ја срами со реални и сериозни потези, но најмногу ја срами со својот молк.

Ете, таков човек проговори, конечно, но не за да ги адресира катастрофалните состојби во земјата, туку за да ги обвини меѓународните пријатели на нашата земја. Да, тој истиот што молчеше за кршењето на Уставот, за уривањето на универзитетската автономија, за кршењето на правата на жените и нивното претворање во патриотски апарати за репродукција, за грабежот, за тепањето на студентите и за сета мизерија во која е турната земјата. Да, тој.

Пишува : Џабир Дерала