Мијалков негира дека се случил инцидент во кој учествувало неговото обезбедување

0
1232

Поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, ги отфрли како неточни информациите дека синоќа се случил инцидент во ресторанот „Дистрикт“ во кој наводно учествувало неговото обезбедување.

– Од некои медиуми прочитав за наводниот инцидент кој се случил синоќа во ресторанот „Дистрикт“, и можам да кажам дека станува збор за чиста измислица. Манипулација подготвена од поединци кои веројатно не се способни за ништо друго. Најостро ги демантирам сите лаги дека воопшто сум бил присутен во ресторанот и дека јас или некој од моето обезбедување учествувале во каква било физичка пресметка. Тоа што мене ме загрижува е медиумскиот простор кој се одвојува за ваквите лаги. Тоа покажува дека одредени медиуми воопшто не ги интересира вистината и професионалното работење. Напротив, слепо се извршуваат нарачките на одредени центри кои се јасно анти НАТО и анти ЕУ поставени – вели Мијалков.

Тој побара извинување од Љупчо Палевски кој преку Фејсбук објави за наводниот инцидент и од чиј пост неколку медиуми ја пренесоа информацијата.

– Ликот кој прв ја постираше оваа невистина и не го крие тоа, доколку не се извини за лагите ќе одговара за клевета пред судот, бидејќи против него ќе поднесам тужба поради штетата која ја нанесува на мојот углед. Понатаму негова е одлуката дали ќе сака да ги штити оние кои му го нарачале измислениот текст. Имено, се говори дека иницијатор на целата оваа измислена приказна е еден сомнителен лик кој се претставува како надворешен советник на министерот за внатрешни работи, кој наводно го држел под контрола МВР.

Соработниците од типот на Љупчо Палевски или Миленко Неделковски, Инфомакс и некои други медиуми кои се одбрани да ги пласираат и шират неговите лаги се одамна прецртани од нашите стратешки партнери бидејќи имаат друга агенда. Тоа само говори колку ваквите ликови се далеку од реалноста и нашите стратешки приоритети и колкава штета пред избори може да ѝ направат на партијата во пресрет на изборите, бидејќи секаде се фалат дека вратите во партијата им се ширум отворени и дека редовно се во контакт со највисокото раководство. Жалам што некои медиуми наседнаа на овие измислици и што не ја проверија веродостојноста на информациите. Се надевам дека ќе имаат доблест да го пренесат демантов и да истражат кој стои зад оваа лага и кои се мотивите – додава Мијалков.