Македонската јавност треба да знае како се манипулирало при пресметката на минималната потрошувачка кошничка, а ја пресметувале поранешни функционери од СДСМ, истакна премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на пратеничко прашање на ексминистерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска денеска во Собранието.
Мицкоски истакна дека Владата има и покажала разбирање за граѓанските иницијативи за бојкот на маркетите, а потоа ја коментираше методологијата за пресметување на кошничката.
– Дали ја видовте методологијата како се пресметува минималната кошничка? Јас во мојот живот во јануари цреши и лубеници не сум јадел. Е, тоа е дел од методологијата, која е со цени од маркети кои во јавноста важат за ексклузивни маркети, наместо да се пресмета просечната цена.
А, ја пресметуваат тројца експерти, Никола Поповски, Драган Тевдовски и Бранимир Јовановиќ. Појдов во неколку маркети без обезбедување и неколку производи од потрошувачката кошница ги споредив со цените. Само за храна и пијалаци цената е помала за 3.000 денари од предвидена цена, што ќе рече за 15% помала. Просечната цена. Јас самиот сум го направил тоа.
Сакав да направам експеримент и тоа ќе го презентирам со слики во понеделник пред Економско-социјалниот совет. За македонската јавност да знае дека на грбот на народот била правена политика од најнизок вид – истакна премиерот.
Тој рече дека претходната влада на СДСМ била прва која применила политики за потрошувачка кошничка, но дека тоа биле политики на присила:
– Но, она што ние го направивме што е различно од сите претходни политики е што седнавме со производителите и со маркетите и утврдивме производи која треба да биде ставена на располагање на граѓаните. Тоа е различно од политиката на присила која се водеше во минатото – рече премиерот додавајќи дека СДСМ 7 години ги зголемувала даноците.