Премиерот Мицкоски го праша Спасовски за која администрација зборува и дали побарал одговорност и дали го прашал тогашниот заменик министер за внатрешни работи од каде му се парите за луксузните ноќевања во хотели во Турција кои чинеле по 3000 евра за една ноќ.
„Поврзано со администрацијата, за која администрација сега зборите за онаа која на Јово Вукотиќ му даваше пасош или онаа на Седат Пекер. Или оној ваш заменик министер отседнуваше во супер луксузни пет ѕвездени хотели во Истанбул во апартмани од 700 квадрати каде што самиот се снимаше. За што зборуваме сега. Вие одговорност побаравте тогаш или како маченца молчевте, како мачиња. Еве ве прашувам, вие сте можеле да го прашате од каде 3000 евра да плаќаш за ноќевање во овој луксузен хотел? Кој ти ги плати и знаете дека не е само тоа, да ве потсетам уште каде се и што сè е правено или да оставиме тоа да го утврди Панче Тошковски“, истакна Мицкоски.
„Така да господине Оливер Спасовски, точно е тема која што се зборува со децении и да треба реформи во администрацијата. Во постојана комуникација сум со министерот за јавна администрација, колку ни е важна јавната администрација говори фактот што имаме посебно министерство кое ќе се грижи само за јавната администрација и во постојани разговори сум со министерот и можам да кажам дека она кое што е сработено во овие 120 дена за многу брзо ќе дојде и овде во Собрание и ќе имате можност сите заедно да дебатирате и заеднички да креираме закони кои ќе значат ефикасна администрација“, изјави премиерот Мицкоски.
Премиерот Мицкоски нагласи дека администрацијата гледа како тој над нив функционира, па така функционираат и тие потенцирајќи дека таа работна дисциплина изминатите 7 години била доведена до башибозук.
„Администрацијата работи врз основна на инстинкт. А кој го диктира инстинктот? Тој што ја раководи институцијата. Ако тие се корумпирани и ако тие се мрзеливи, неамбициозни полни со криминал, тоа се рефлектира по вертикала надолу. Тие гледаат како тој над нив функционира и тоа се вика работна дисциплина. Таа работна дисциплина изминатите 7 години беше доведена до еден турски збор башибозук“, дециден е Мицкоски.