Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски вечерва најави дека доколку петтемина членови на Судскиот совет за кои беа изгласани интерпелации во Собранието не се повлечат од функциите, ќе се случат протести, на кои „тој ќе биде во првите редови“. Конечната одлука за ова, според законските прописи, е на самите членови на Советот, а собраниските интерпелации не се обврзувачки.
„Ќе им се случи народ, ќе излезе народ на улица и ќе протестира, народот е гладен и жеден за правда. Замислете, имате кај граѓаните помала доверба од два или три отсто, ве разрешуваат и вие не си заминувате, водите инает. Ќе им се случи народ, прв ќе застанам кој ќе го води народот, ветувам дека тоа ќе се случи“, рече Мицкоски во интервју на „Канал 5“.
За тоа кој би ги заменил петтемина членови на највисокото судско тело, кои власта ги „жигоса“ со образложение дека „немаат кредибилитет“ за функцијата, Мицкоски рече дека ќе се разговара, но и дека едно е сигурно – дека нема да биде исто, „нема да има вакви луѓе за кои има докази“.
„Правда не може да има како сега, со судии или обвинители или пак членови на Судски совет и Совет на јавни обвинители кои се од партиски штабови. Тука има луѓе за кои има докази кои се или како се. На крајот на денот, ние сите овие процеси кои ги водиме, не ги водиме за да биде исто, нема причина да биде исто, само со нови луѓе. Имаме извештај од Оценската мисија, кој јасно дава насоки како да се движат реформите и ние ќе ги имплементираме. Ќе се држиме до извештајот, само нешто да се смени, затоа што не оди вака, ако сакаме да имаме држава. Сакам да имаме држава и моите деца да растат во оваа држава и да основаат семејства во оваа држава, јас ќе се борам за таква држава“, рече Мицкоски.
Собранието, покрај изгласаните интерпелации на Весна Дамева, Павлина Црвенковска, Селим Адеми, Тања Чачарова Илиевска и Миљазим Мустафа, донесе и заклучоци со кои се констатира дека петтемина членови го губат легитимитетот да учествуваат и да одлучуваат во работата на Советот.
На иницијативата за нивно разрешување жестоко се спротивстави опозицискиот Социјалдемократски сојуз, кој обвини дека под превезот на наводни реформи во правосудството, власта на ВМРО-ДПМНЕ прави директен упад во правниот поредок, со цел да постави свои партиски послушници во телото.
Владината „офанзива“ против членовите на Судскиот совет денеска ја критикуваше и известувачот за Македонија во Европскиот парламент, австрискиот европратеник Томас Вајц, кој рече дека тоа претставува „загрижувачко мешање на владата“ во независната судска власт.