МИЦКОСКИ : ПРОМЕНАТА ЗАПОЧНУВА ДЕНЕС И ЗАВРШУВА НА 8МИ МАЈ, ЗА МАКЕДОНИЈА КОЈА ОДИ НАПРЕД И ДАВА БРЗИ РЕЗУЛТАТИ

0
177

Говорник Христијан Мицкоски, Претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Почитувани членови на Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ,

Почитувани делегати и гости на Конвенцијата за избор на кандидат за претседател,

Почитувани коалициони партнери,

Почитувана професорке Гордана Силјановска Давкова,

Драги браќа и сестри,

Денешниот ден и денешниот избор го дава идниот претседател на Македонија.

Но она што е важно, од денес ви најавувам дека на 8 мај следува комплетна промена во Македонија.

Имаме незавршена работа, започната од последните локални избори. Комплетна промена, и двојна победа на претседателските и парламентарните избори. Да победи надежта, правдата. Триумф на народот кој ќе си ја врати Македонија во своите раце.

Комплетната промена и поразот над неспособноста, победа на обесправените, на илјадниците кои сега ја губат надежта, и им велам доаѓа време на ПРОМЕНИ.

Почнуваме денес и завршуваме на 8 мај. За комплетна промена која мора да знае секој еден во оваа сала дека носи и комплетна одговорност. Го немаме луксузот за чекање, калкулирање, ниту пак на меден месец како некој го вика периодот од првите 100 дена. И тоа не Македонија за 10 години, туку држава која дава брзи резултати. Бидејќи овој народ нема трпение да чека да дојдат некакви подобри времиња за една, две декади. Доста е чекање. Чекавме сите премногу, а не се случи ништо, туку отиде се за жал се на полошо.

Македонија која оди напред и не запира. Македонија со средено образование, Македонија без хаос во здравството… Македонија без скандали и афери… со ред и поредок.

ПОБЕДА КОЈА ЌЕ БИДЕ НА ЦЕЛИОТ НАРОД, ДА ЗАСТАНЕМЕ СИЛНО ПОД СОНЦЕТО НА СЛОБОДАТА, НАДЕЖТА И ДА ЈА ГРАДИМЕ ИДНИНАТА.

И мора оваа победа да е јасна и убедлива и со 61 пратеник. Ова е моето настојување и ова мора да биде нашата заедничка мисија. И ќе кажам три причини за тоа.

61 пратеник за економски реформи кои се насушни и кои ќе дадат резултати веднаш.

61 пратеник за непоколебливо остварување на правдата и одговорност за сите оние кои правеле криминал.

И 61 пратеник за сигурно управување на институциите. Без уцени, без диктати.

И да си признаеме, да, не чека многу работа.

Државата е во потполн хаос. Институциите се парализирани, апатија и разочараност која е насекаде. Изгубена е вербата во политичарите, затоа што волјата на народот многупати е изигрувана. Ништо не функционира, граѓаните имаат чувство дека државата е киднапирана од мала група на корумпирани политичари и затоа се скептични дека тоа може еден ден да се промени. Државата е одземена од рацете на народот, и ако најкусо може да се опише тоа чувство на народот тогаш тоа се зборовите немаме веќе држава.

За пасоши се чека. Ќе не носеа во Европа, а ги заробија граѓани, создадоа државен затвор. Системот не функционира. Нема лични карти, нема ниту најобични документи за кои со години претходно знаеја дека треба да се обезбедат. Пациентите не се сигурни каква терапија добиваат, се заработува бескрупулозно на грбот на најранливите, непотизам насекаде, правда никаде. Не само младите туку и повозрасните размислуваат да ја напуштат државата бидејќи не гледаат систем и ред. Македонската партија во власта СДСМ е сведена на измеќар и соучесник во сите овие скандали. Нема човек кој не се срами од нивните настапи каде и да не преставуваат низ светот.

Да не се лажеме дека ова се избори за тоа дали ќе влеземе или нема да влеземе во Европската унија. Тоа е една голема шарена лага. Ова се избори за Македонија. Каде изборот треба да биде Македонија средена, со закони кои важат за сите, со немање граѓани од прв и втор ред. И јас верувам дека граѓаните го знаат и ќе го направат вистинскиот избор, за себе, за своите семејства, за своите деца.

Сите сме сведоци дека додека устата им е полна со изјави за Европска Унија, се прават зделки на штета на народот, а за нивен личен бенефит. 

Па некои од нив станаа дури зелени политичари, од една страна зборуваа за екологија, а на друга страна со бизниси со мазут направија милиони. Некои од нив пак си земаа грантови од ФИТР, милионски суми за фирми на роднини.  А што се однесува до европските успеси на власта, доволно кажува оваа статистика.

Во изминатите 6 години секој втор граѓанин посакува да си замине од Македонија. И тоа засекогаш. Според индексот на мизерија Македонија е на врвот во Европа. Светска банка вели дека над 600.000 граѓани живеат со само 150 денари на ден. Државава е во врвот во Европа по инфлација, најниски плати и пензии, истото е и со индексот на корупција. Неславни шампиони во сите категории.

И што прави доскорешниот премиер за сето ова. Објаснува за пити буреци, и сака да не убеди дека сега луѓето со платите можеле да купат повеќе бурек од пред 10 години. Но, и кога ги прави пресметките не кажува дека бурекот кој го нуди е без месо, симит. Зошто месото во сите пресметки кои ги кажува, во реалноста го изеде инфлацијата. И запомнете во секоја нивна фалба дека ги зголемиле платите, пензиите и споредба со минатото, е изоставена инфлацијата која го изеде секое покачување на народот. Народот  пак добро знае колкава е неговата куповна моќ. И за да не се збори за овие работи, тогаш ќе ги слушнете како папагали на дневна основа повторуваат Европа, Европа, Европа.

Додека тие зборат  за Европа, патем ја купуваат и Соравија. Додека зборуваат за европски фронтови, зад завесата одбираат подизведувачи во проектот за коридорите 8и 10Д. Додека се расфрлаат со бројки за европски плати и стандарди, крадат од РЕК Битола и РЕК Осломеј.

Црните кампањи на овие политичари против нивниот, нашиот народ не можат да им го исперат срамот, неработењето и криминалот. Тие се вистинското лице на СДСМ. Тие се вистинското лице на ДУИ.

Имам една порака до овие политичари. Господа, Ви доаѓа крајот!

Крајот ви е запишан со датум, запомнете го 8 мај, лето господово 2024 година.  И не се лажете дека ќе останете на власт. Немојте да мислите дека ќе ви поминат некакви сценарија. Затоа што никој повеќе ништо не ви верува. Овој народ не може да ве гледа колку сте неспособни, овој народ не може да ве гледа колку многу крадете и овој народ знае дека треба да се стави крај на оваа катастрофа од влада.

На 8 мај знаеме дека овој народ ќе каже доста е.

Ќе каже доста ни е од кражби, доста ни е од непостоење на систем, доста ни е од потценување.

Затоа ви велам дека она во што верувам пред овие избори е шансата во која сите можеме и мораме да учествуваме. Ова не е Македонија која ја знаете, која ја сакате и која ја заслужувате. Очајот не е решение. Да не се делиме според политичките погледи, секоја наша разлика е помалку важна од Македонија која ни ја земаа. Време е да си ја вратиме. За одење напред. За развивање на концептот Македонија за сите луѓе. Да ја вратиме државата на народот. Да кажеме ова е твоја Македонија.

Не заборавајте. Оваа земја имала лидерства и претседатели кои оставиле голема трага. Се покажало дека мораме и можеме.

Време е за промени и тоа време доаѓа. Ова нема да биде, моја и само наша победа. Туку победа на секој еден човек на Македонија против естаблишментот кој што не влече надоле. Доаѓа тоа време, да браќа и сестри следуваат подобри времиња.

Драги пријатели,

Мојата визија за претседателот е изразена во постулатите кои мора да донесат лидерство што носи промени.

1.Претседателот има должност и обврска да служи на граѓаните на државата, да ги штити нивните интереси и да има лидерство кое ќе значи непотклекнување на туѓи лични агенди. Да биде претседател на народот, а не застапник на интересите на клики и елити кои за сметка на колективниот интерес, водат лични агенди. Претседателот на државата му припаѓа на народот и одговара единствено пред него, го штити Уставот како акт кој произлегува од волјата на суверенот- граѓаните на Република Македонија. Претседател за народот, а не слуга на кликите.

2. Повикувајќи се на славните традиции на илинденците и народно ослободителната борба, темелејќи се на јадрото воспоставено од претседателот на славната Крушевска Република, Никола Карев, од првиот претседател на АСНОМ, Методија Андонов Ченто, па се до лидерите и водачите кои се втемелија во историскиот раст на Македонија, претседателот е должен безусловно и со голема посветеност и капацитет да го продолжи истото дело. Да градиме држава која ќе ги почитува своите темели и ги надоградува со верба и посветеност кон идеалите кои беа обврска и за сите наши претходни претседатели. Во историските крстосници и бури на овој народ, посветеноста кон државата, долгот и почитта кон сопствениот народ треба да бидат најсилната врска на која треба претседателот да се потпира во секоја своја одлука. Претседател верен на традициите, на битките за слобода, на делата на великаните врз кои почива македонската држава.

3. Претседателот треба да промовира законитост и бескрупулозно да се бори против неправдите и беззаконието. Потребна е решителна борба против криминалот и корупцијата која го разјадува нашето општество, која народот го реди во подредена позиција.  Поддршка на обесправените, внесувањето на надежта дека промените се можни, само преку доследност и принципиелност, почитувањето на законите и Уставот се, како што кажав, обврска на Претседателот. Треба да се стави крај на неправдите, да се отворат портите за правдата, да се утеши изморениот народ од неправди и на гладните за достоинство и правда да им се каже јасно и гласно-правдата доаѓа! Заедно со правдата следи и одговорност за сите кои печалат преку криминал и корупција. Одговорност која нема да заврши преку инцидентни случаи кои се разводенуваат долж години за да на крајот биде неважно и целосно разводенето дали правдата воопшто ќе пристигне. Претседател за правда и одговорност подеднакво за сите, без поделби на вера, нација и припадност.

4. Претседателот мора да има свој став. Тој не треба да зависи од партиски шефови, од партиски структури. Тој треба да и служи на Македонија и нејзиниот народ. Претседателот мора да има став па макар тој бил различен од Собранието, Владата или други носители на јавни и државни функции. Претседател кој ќе има карактер да се спротивстави доколку другиот греши. Да каже пред народот дека е отпорен на притисоци, дека не е нечиј слуга, туку политичар изграден од верувања, идеали и борба за принципи и вредности. Да биде свој, да служи непристрасно и објективно на Уставот и граѓаните. Да реагира согласно своите уверувања и државните интереси, а не за да задоволи суети, политичари и институции. Претседател со став, изградена личност, претседател кој им се спротивставува на другите кога грешат. Да престане практиката тој да е фигура во куклен театар, туку водач со став и интегритет.

5. “Македонците се борат за своите правдини…” се најгласните зборови од нашата химна. Претседателот на државата мора да се грижи и пожртвувано, посветено да се работи за заштита на македонскиот идентитет и посебноста на македонскиот народ и македонците насекаде низ светот. Потребно е да се стави крај на политичките преговори и договори со кој се начнуваат есенцијалните прашања врз кој се потпира нашето егзистирање како народ и држава. Предолго и преагресивно во краток период се разградува македонското јадро по повеќе основи. Потребно е претседателот да биде браната пред налетот на разни пропаганди и настојувања за идентитетско осакатување на македонскиот народ. Претседател кој бескомпромисно ја штити посебноста на Македонија и македонскиот народ, наместо соучесник и изговор за штетни отстапки и договори какви досега сме гледале многу. Претседател за Македонците дома и за Македонците насекаде низ светот. Претседател кој треба да биде гласот на нивните потреби, бедрото на нивната енергија, колевката на нивната љубов и грижа за Македонија.

6. Претседател кој ќе води дипломатија која се темели врз стратегијата за одбрана и промовирање на македонските интереси. Потребно е да се направи мобилизација на мудрите луѓе во нашето општество. Потребно е да се подаде рака, без комплекси и суети на луѓето кои имаат капацитет и знаење да помогнат на Македонија. Потребно е дипломатијата да изгради мостови, договори и сојузи кои ќе ги штитат и промовираат нашите интереси. Дипломатија која ќе биде необременета од партиски интереси, туку полна со знаење, квалификации и компетентност. Дипломатија која ќе ја штити вистината за Македонија, која ќе води борба за ставовите во кои веруваме и со кои настапуваме пред светот. Потребна е стратегија а не стихијно делување како досега. Претседател кој ќе обединува со мудрост, претставителност и знаење поткрепено со дипломатија која нашите сојузници ги убедува во работите кои се наш државен и стратешки интерес. Дипломатија и разговор како рамноправни чинители, а не послушници и неми посматрачи. Претседател кој води дипломатија со капацитет и создава пријателства и сојузи.

7. Претседателот треба да ги промовира вредностите врз кои почива Македонија и да ја води државата кон исполнување на нашите стратешки планови за членство во Европската Унија. Македонија е изградена врз сонот и тежнеењето на прозападните цивилизациски вредности. Во тој контекст Претседателот на државата треба да работи за силна демократизација на процесите и водење на Македонија кон полноправно членство во Унијата како процес со кој се заокружува есенцијален напор за долготрајно стабилизирање и зацврстување на постоењето на македонската држава и сигурност за нашата заедничка иднина. Треба да се водат разговори без заблуди, со искрен и чесен пристап. Македонија нема друга алтернатива освен членството во ЕУ, но и го нема комодитетот да експериментира со своите идентитетски основи. Претседател кој работи за полноправно членство на Македонија во Европската Унија, кој гарантира сигурност за интеграција преку заштита на идентитетот на нашиот народ како посебна и уникатна целина.

8. Претседателот треба да биде реализирана личност, која е препознаена од народот и мудрите луѓе на ова општество. Потребни се луѓе кои ќе работат за државата, а нема да се богатат од функцијата која ќе ја извршуваат. Државата е уморна од поединци кои градат кариери, без притоа да посветат внимание и не чувствуваат должност и обврска кон народот кој ги избира. Претседател со интегритет, стожер на чесноста. Потребна е одговорност и отчетност. Никогаш да не се заборави врската со народот. Удобствата, комфорот кои ги нуди позицијата се минлива категорија, трагата која се остава со функцијата е вредност која мора да трае.

9. Претседател кој го промовира концептот – Македонија за сите луѓе. Силата која што ќе ги обедини сите искрени и чесни граѓани кои си ја сакаат земјата и кои сакаат својата иднина да ја градат овде дома, во Македонија. Време е да зборуваме за иднината, да му кажеме на народот која е и што е нашата визија, заедничкиот сон за нашата заедничка Македонија. Време е да се крене земјата од оваа национална и економска девастација. Време е да се победат неморалот, кичот и парадерството. Македонија за сите луѓе е одговор за заедничките неправди и предизвици. Економско обединување на народот и решавање на заедничките проблеми. Македонија за сите луѓе е Македонија и на Македонците, на Албанците, Турците, Ромите, Србите, Власите, Бошњаците и сите останати.

10. Претседател кој промовира лидерство за промени. Потребно е да се стави крај на хаосот, неправдите, злоупотребите. Системот е распаднат, а народот вели дека се повеќе му се одзема државата. Ниту еден атрибут на државата не функционира. Потребно е да се внесе надеж, енергија дека она што никогаш не било полошо отколку сега, време е да се промени. Таа промена започнува од секој поединец, од неговата одлука да ги промени работите. А, изборите што следат се таа шанса за голема промена. Од секој од вас зависи и секој од вас е носител на своите одлуки и креатор на сопствените судбини. Овој народ е создаден од верба и надеж. Македонија има сила за големи промени, одлуки кои ќе ја определат судбината за сигурна иднина. Македонија која повторно ќе биде исправена, горда и твоја.

Професорката Гордана Силјановска Давкова ја знам повеќе години. Нашето пријателство започна со совети за тоа како може да ја направиме Македонија подобро место за живеење. Нејзиното искуство, нејзиното познавање на правните аспекти, нејзината филозофија за животот е тоа што ја прави комплетна личност да биде првата дама претседателка на Македонија.

Драги браќа и сестри,

Навистина сме уморни од претседател што едно зборува, друго прави во јавност. Уморни сме од претседател што наместо да го слуша народот ја слуша партијата, од претседател што дава изјава, па потоа се предомислува. Нас не ни треба претседател што повеќе се занимава со озборување, отколку со вистинска работа.

Овој народ има многу поминато, има направено многу отстапки, имаме направено многу многу повеќе од другите народи во Европа за таа Европа. Променивме многу работи болни за нас во минатото, неколку пати го менувавме Уставот, ни ги променија и банкнотите дури, националното знаме, името, и сето тоа беше со цел да влеземе и се интегрираме во НАТО Алијансата и ЕУ. Па морам да бидам искрен и отворен како и секогаш, очигледно ЕУ има за нас многу нови задачи кои немаат никаква врска со критериумите од Копенхаген за влез на нови земји членки, кои што задачи ги немаше ниту еден народ кој што пристапуваше кон таа иста ЕУ. Затоа нас ни треба претседател што ќе биде разумот за решавање на овие прашања, но во исто време ќе биде браникот на националните интереси. Ќе го брани достоинството на македонските граѓани, ќе се бори за нашите македонски интереси. Претседателка што ќе се бори за нашиот влез во Европската Унија, но притоа ќе ги брани нашите интереси како граѓани, ќе го брани македонскиот идентитет, специфичност и постоењето на македонскиот народ како една целина.

Нас ни треба претседател со интегритет и силна волја да остави позитивен белег во историјата на оваа земја. Да не биде безгласна буква, или да не биде гласен во изјавите, а тивок кога треба да се потпише некој закон под маса. Нас не ни треба претседател што ќе се слика, туку ни треба претседател што ќе работи.

А јас и мојот тим знаеме дека немаме ниту грам отстапки пред нашиот народ, кој не сака повеќе да слуша АМА видете на почеток сме, АМА видете не очекувавме ваква ситуација, АМА видете ни треба време. Нема место за изговори, има простор само за работа, бидејќи имаме само една шанса да си ја вратиме Македонија. Имаме само една шанса изборот да ни биде Македонија. Многу шанси изгубивме досега, да не оставаме времето да ги згази и нашите последни надежи.

Овој народ, оваа Македонија има сила да биде држава каква што сите заслужуваме.

Овој народ и оваа Македонија чека на вашиот избор на 24 април најпрво, па на 8 мај.

Затоа што Македонија е нашиот дом!

Затоа што Македонија е нашата татковина!

Затоа што Македонија заслужува најдобро!

Да имаме држава со систем што функционира!

Да ја направиме горда.

Професорке имаме незавршена работа

Одиме на убедлива победа. Победа за Македонија.

Да ја кренеме Македонија на нозе. Се работи за нашата заедничка иднина. Народот мора да знае дека од нас зависи. Македонија кој е твоја. Наша. Заедничка. Одиме на триумф за секој еден човек. Главите горе, доаѓа обнова на надеж, на заедничка среќа. На реформи, на големи одлуки. На луѓе со интегритет. Одиме на голема историска победа.

Да сте живи и здрави.

Да живее ВМРО-ДПМНЕ

Да живее Македонија