Премиерот Христијан Мицкоски откри дека прифатиле да седнат на маса со Бугарија на маргините на НАТО самитот со присуство на високи претставници од ЕУ, НАТО и САД.
Темата за билатералната средба со Бугарија била отворена уште за време на посетата на претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта. Доколку се случи, покрај македонската претседателка Сиљановска-Давкова и бугарскиот претседател Радев, би присуствувале и претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Каја Калас, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, како и претставник на САД.
Мицкоски не знае дали Бугарија ја прифатила средбата, но верува дека е добро доколку се случи за да можат да се слушнат аргументите од свете страни.
„Кога ќе бидеме сите на иста маса, колку и да трае тоа, добро е да се разговара“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за време на заедничката прес-конференција со високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Каја Калас.