МИЦКОСКИ : ПРЕДВРЕМЕНИ ИЗБОРИ ВО МАЈ

0
577

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска уште еднаш повтори дека неговата партија останува на ставот за предвремени парламентарни избори. Тој очекува кон крајот на јануари или најдоцна во почетокот на февруари да се изгласа распуштање на Парламентот, во средината на февруари да се формира техничка влада, а изборите да се одржат во втората половина на мај.  Одговорајќи на новинарски прашања по централната свечена божествена литургија за Божиќ во Соборниот храм „Свети Климент Охридски” на која присуствуваше, Мицкоски, без да каже конкретни имиња, оцени дека „огромно мнозинство од пратениците на СДСМ и ДУИ рефлектираат позиција дека сакаат да има предвремени избори и да дојде крајот на оваа Влада“.

-Апсолутно остануваме на барањето за предвремени извори, за да може да тргне земјата напред. Да се обединиме околу тоа и да поддржиме предвремени избори најдоцна кон средината или втората половина на мај. Имајќи го предвид карактерот на ДУИ и СДСМ, опструираното судство и обвинителство, методите на кои се подготвени за да ги задржат фотелјите, не би одел со имиња. Ценам дека ова што нас не охрабрува и нивните позиции за предвремени избори ќе додржат до крај и кон крајот на јануари, најдоцна почетокот на февруари ќе изгласаме распуштање на Парламентот, средината на февруари формирање техничка влада и избори втората половина на мај, рече Мицкоски.

Тој ги квалификува уставните измени како предавство. -Тоа не е обединување, тоа е предавство и тоа требаше некој да го мисли пред да го договара. Ние не излеговме на избори ветувајќи им на граѓаните промена на Устав, не излеговме на избори ветувајќи им на граѓаните потпишување капитулација и предавство. Тој што тоа го потпишуваше треба да знае дека нема услови да го испорача. Тоа е токму еден од тие моменти кои внесуваат раздор меѓу македонскиот народ. Но, македонскиот народ е мудар и ако ги погледнете сите мерења на јавното мислење, ќе видите дека огромно мнозинство, повеќе од три четвртини, се противи на таквиот чин.