Европската Унија го троши својот кредибилитет кога се удоволуваат мегаломанските барања на поединечни држави, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Токму за време на посетата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и потпретседателот на партијата, Александар Николоски на Будимпешта, каде остварија средба со Виктор Орбан – премиер на Унгарија и претседател на нивната сестринска партија ФИДЕС, еврокомесарот за проширување, Унгарецот Оливер Вархеји, во интервју за Еуроактив упати критики до македонската опозиција – дека таа ги поминала основните демократски црвени линии во дејствувањето против францускиот предлог.
„За Северна Македонија ова треба да биде момент за отрезнување, и за опозицијата. Палењето документи во пленарна сала, туркањето на луѓето во насилство и поттикнувањето омраза не носат ништо, само штета. Постојат многу јасни граници за европскиот начин на водење политика, многу јасни граници за цивилизираната политика, а моја процена е дека многу од тие црвени линии беа поминати од опозицијата“, изјави меѓудругото Вархеји.
За оваа критика и за тековните активности на ВМРО-ДПМНЕ, ДВ побара одговор од нејзиниот лидер Христијан Мицкоски.