Во оваа тешка година имаме резултати зад нас кои се јасен показател дека стигнавме на солидна основа. Реализиравме или отпочнавме над 250 поголеми проекти, рече вечерва премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето на настанот по повод една година од Владата, под слоганот „Доаѓа времето на Македонија! Ги градиме темелите на промените“.
Мицкоски истакна дека очекува максимална посветеност во исполнување на програмата и преку 400 проекти, мерки, чекори, реформи во наредниот период кои ќе бидат насочени на развој и раст, подобар стандард, поквалитетно образование, борба против корупција, инвестиции и реформи во здравството, големи проекти во инфраструктурата,….
По години на празни ветувања и пермaнетна политичка криза во државата, разочарувања и уништени ветувања, укажа премиерот, не започнавме од нула, почнавме од минус – од рушевини, кои ги оставија зад себе.
– Наследивме систем што се кршеше и паѓаше, институции што изгубија доверба, луѓе што изгубија верб, но, не се предадовме. Не го оставивме својот дом во рацете на минатото. Ги ставивме првите тули на новите темели, со посветеност и љубов кон секој човек, секоја заедница, секој сон. Ги поставивме столбовите што ќе го издржат товарот на иднината.
Ги засиливме носечките што ќе ја држат оваа земја исправена и горда. Овие темели не се само тули, или камења и бетон. Тие се секој наш збор, секој наша капка пот и секој чекор што го правиме за тебе, за твоето семејство, за твојата иднина. Овие темели се твојата доверба, твојата борба, твојата вера дека Македонија заслужува повеќе – заслужува правда, ред, развој и почит.
Тие темели се почеток на нова ера. Време кога Македонија повторно ќе биде твоја – земја на можности, земја на човечност и вредности, земја во која секој ќе може да се гордее. Ние не ветуваме брзи решенија, затоа што знаеме дека вистинските промени бараат време, трпение и упорност.
Но, знаеме и дека секој ден на напредок е победа. Секој ден е борба за достоинство, за иднината што ја заслужуваме. За децата што ќе растат во безбедна и чесна земја. За сите нас што веруваме дека можеме и мораме подобро, рече премиерот.
Оваа година, рече Мицкоски, беше година на напорна работа, на посветеност и на враќање на довербата, консолидирање на состојбите и стабилизација.