„Нашето активно учество на ваквите меѓународни настани е клучно за зајакнување на позицијата на нашата земја во европскиот контекст и за придонес кон заедничката визија за стабилна и просперитетна Европа“, напиша тој на социјалните мрежи.
Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска информира за неговото учество на Самитот на Европската народна партија (ЕПП), каде, како што вели во објава на на Фејсбук се собрале истакнати лидери, претставници на партии и клучни носители на одлуки од цела Европа.
Самитот, како што наведува тој, бил платформа за размена на мислења и идеи за иднината на Европа.
„Особено ме радува фактот што Македонија останува дел од овие стратешки разговори и партнерства. Нашето активно учество на ваквите меѓународни настани е клучно за зајакнување на позицијата на нашата земја во европскиот контекст и за придонес кон заедничката визија за стабилна и просперитетна Европа“, напиша Мицкоски на социјалната мрежа.
Разговорите и дебатите на Самитот на ЕПП, вели премиерот, биле значајни за насочување на идните политики и уште поважно, како што додава, градењето мостови на соработка со европските партнери.
Мицкоски, во таа насока, вели оти е уверен дека ваквите средби се од голема важност за понатамошниот напредок на Македонија на нејзиниот европски пат.
„Ова е уште еден чекор напред кон нашите заеднички цели за стабилност, економски раст и посилно присуство на меѓународната сцена“, наведува тој.