МИЦКОСКИ : МАСОВНА ИЗЛЕЗНОСТ ВО ВТОРИОТ КРУГ КАКО ОДГОВОР НА ЕВЕНТУАЛЕН БОЈКОТ НА СДСМ И НА ДУИ

0
77

„Одговор на евентуален бојкот на СДСМ и на ДУИ на вториот круг од изборите е мобилизација на граѓаните и масовна излезеност. Доколку обете партии се решат на бојкот, со тоа ќе покажат незрелост, односно дека не се државотворни туку партии кои што водат интерес за малкумината што ги предводат“.

Ова денеска од Охрид го порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски.

– Треба да сте достоинствени и во поразот. А вчера ВМРО-ДПМНЕ, со резултатите на првиот круг на изборите ја победи целосната владина коалиција убедливо. Тука зборувам на двајцата кандидати на власта – едниот е Стево Пендаровски, вториот е Бујар Османи. Кога заедно ќе ги соберете доаѓаат околу 300 илјади гласа. ВМРО-ДПМНЕ само, односно професорката Силјановска има 363 илјади гласа, според последните бројки коишто доаѓаат од ДИК. Значи ВМРО-ДПМНЕ како што им кажа така и стори заедно со народот, ја порази Владата. Очигледно е дека има големо антивладино расположение. Тие на овој начин покажуваат дека не се државотворни партии, дека се водат од личен интерес. И мислам дека тоа ќе го препознаат граѓаните на 8 мај за време на вториот круг и на Парламентарните избори, и ќе дојдеме до мнозинство во Парламентот како политичка опција и Коалиција „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО ДПМНЕ, истакна Мицкоски.

Тој ја потсети македонската јавност дека двапати во минатото ВМРО –ДПМНЕ можела да се однесува незрело и неодговорно и да уценува, и во 2019 и во 2004 година, но како партија учествувала на тие избори, се борела до последно и била достоинствена и во поразот.

– Ние учествувавме на претседателските избори во 2019 година, се боревме до последно, бевме достоинствени во поразот тогаш, и еве пет години се вративме и ги декласиравме. Истото тоа се случуваше и во 2004 година кога беа изборите, потоа следеше расколот во ВМРО-ДПМНЕ кога исто така имаше одредени структури во ВМРО-ДПМНЕ, сегашни коалициони партнери на Пендаровски и Ковачевски, коишто повикуваа на бојкот, но тогашното раководство на партијата излезе, се бореше, загуби. Победи тогашниот кандидат на СДСМ , Бранко Црвенковски, но сепак останавме достојни во поразот.

Следеше потоа раскол. Партијата се врати посилна од било кога во 2016 година. Денеска се враќаме посилни од било кога во 2024 година. Така што, така се однесува државотворна одговорна партија, рече Мицкоски.

Ги повика граѓаните масовно, како никогаш до сега, да излезат на следните Парламентарни избори и вториот круг од Претседателските избори, за да не се дозволи, како што рече, „типот на политичарите кои што се дел од раководството на СДСМ и Али Ахмети, да ја уценуваат Македонија, а земјата да тоне во политичкото мочуриште коешто тие сакаат да наметнат“.