Премиерот Христијан Мицкоски и премиерот на Косово, Албин Курти договориле конкретни чекори за подобрување на транспортните и енергетските врски што, според нив, ќе има позитивно влијание на економскиот развој и напредокот на земјите во регионот. На денешната меѓувладина седница што се одржа во Приштина, Мицкоски истакнал дека очекува следната година економската соработка меѓу двете земји да достигне половина милијарда евра.
По седницата беа потпишани три документи. Првиот е меморандум за соработка во областа на енергетиката, рударството и минералните суровини, со којшто се дефинираат иницијативи за соработка во полето на енергетиката, гас, јаглен, електрична енергија и на релевантни инфраструктурни проекти за интерконекција за гас и други проектни иницијативи, како и иницирање соработка за испитување на можноста за развој на нова директна врска за гас Косово – Македонија.