Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница за пратенички прашања истакна дека легитимно право е на граѓаните да изразат револт и тој има разбирање за истото, но од СДСМ освен навреди и клевети не кажаа дека има разбирање, затоа што како што рече тоа најелитистичката партија која 7 години немаше разбирање за стандардот на граѓаните и воведуваше дополнителни даноци.
„Легитимно право е да има граѓанска иницијатива за бојкот на маркети, имам разбирање и не гледам погрешно, легитимно е да имаме граѓани кои револтот ќе го манифестираат на начин на кој тие мислат дека треба. Наша или ваша политичка оценка е дали ќе се покаже разбирање или нема. Од СДСМ освен клевета и напад не слушнав дали покажува разбирање кон тие кои повикуваат на ваква иницијатива. Јас на прес конференција во Влада бев јасен и точен дека покажуваме разбирање со граѓаните.“, изјави премиерот Мицкоски одговарајќи на прашање од пратеничката Јована Тренчевска.
Во однос на политиката за кошнички, премиерот ја потсети Тренчевска дека и тие имаа такви, но сега е разликата што се седна на маса со сите засегнати страни, а не под присила како во времето на СДСМ.
„Дали дава резултати или не, тука имаме поделено мислење, некои велат дава резултати, некои дека не дава. Она кое ние го направивме, а е различно од претходните, седнавме и со производителите и со маркетите, разговаравме и утврдивме производи кои на доверба од страна на владата кон нив оставивме да биде дефинирана како листа ставена на располагање на граѓаните. Тоа е различно од она кое беше пракса во минатото кога се водеше политика на сила и политика на притисок.“, потенцираше премиерот Мицкоски.
„Не би сакал да сум во чевли на СДСМ ако судот донесе одлука дека тоа било неуставно и дека тие пари треба да се вратат. Вие убедливо најелитистичката структура на политичари на Балканот, водевте политика на елитизам и отсуство од реалноста, летнати во облаци најдовте да зборувате за стандард на граѓаните. Вие кои не излеговте од дебелите персиски килими и кожните фотелји да видите како живеат граѓаните 7 години. Заборавивте што им ветувавте.“, нагласи премиерот Мицкоски.
Премиерот Мицкоски се осврна на минималната потрошувачка кошничка при што истакна дека македонската јавност треба да знае дека врз грбот на народот се прави политика од најнизок вид, како се манипулира при пресметката, а ја пресметуваат поранешни функционери од СДСМ.