Националниот совет за развој е одлична платформа да се учествува во визијата и во реализација на она што претставува стратешка цел на државата и за тоа е потребно да се создаде патоказ и визија за чекорите во периодот 2024 – 2044 година, истакна премиерот Христијан Мицкоски, на денешната втора седница на Националниот совет за развој, на која присуствуваше амбасадорот на Оединетото Кралство, Метју Лосон, како и претставниците на Обединети Нации и УНДП, Рита Колумбиа и Армен Григорјан.
Тој изрази жалење за отсуството на опозицијата, нагласувајќи дека сериозни држави создаваат документи кои се плод на заедништво, меѓусебна солидарност и вклучување на сите засегнати страни во тој процес.
– Мене ми е жал што одредени поединци од опозицијата ја пропуштаат оваа шанса и не можат да ги надраснуваат заедничките разлики, но тоа е нивниот начин на гледање на работите кој е спротивен со нашиот каде подаваме рака за заедништво за прашањата кои се подеднакво важни за сите, рече Мицкоски.