Ова се последни грчевити обиди на власта да се постават уште некој партизиран судија и обвинител, мислејќи дека на тој начин ќе си обезбедат амнестија и неказнивост за криминалот кој што до сега го направиле, рече вечерва Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, на отворањето на Генералното собрание на подмладокот на Европската Народна Партија (ЕПП) во Скопје, одговарајќи на новинарско прашање за новиот избор на судии во Апелацискиот суд.
„Тоа е октроирано обвинителство и судство. Oва се последни грчевити обиди да се постават уште по некој партизиран обвинител и судија мислејќи дека заедно со измените во Кривичниот законик ќе обезбедат амнестија и политичка неказнивост за сиот криминал и злодела што ги направија овие шест години. Но залудно е сето тоа, залудни се овие обиди на оваа власт во заминување, бидејќи следната Влада на ВМРО-ДПМНЕ, владеењето на правото, исто така, го става како еден од главните, ако не и најглавен врвен приоритет во работењето“рече Мицкоски.
Судскиот совет вчера ги избра Габриела Гајдова, Александра Ристевска, Весна Димишкова и Осман Шабани за судии од кривична област во Апелацискиот суд-Скопје.
Со тоа Судскиот совет го екипира Апелациониот суд Скопје со вкупно осум нови судии откако претходно на денешната седница избра и четворица судии од граѓанската област – судиите Александар Шопов, Ирена Костадинова Ангелова, Наталија Донева и Илир Сулејмани.
Ова е прв избор за второстепен суд спроведен врз основа на методологијата изработена согласно новиот Закон за Судски совет.
Судскиот совет го екипира скопскиот Апелациски суд, избрани осум нови судии
На ова реагираше Коалицијата „Сите за правично судење“, со образложение дека Судскиот совет направил отстапувања од ранг-листата на кандидатите без соодветно облазложение за секоја отстапка, односно засебно за секој кандидат.
„Сите за правично судење“: При изборот на судиите во Апелација, Судскиот совет повторно отстапи од ранг-листата на кандидати без соодветно образложение
И судијката Оља Ристова од Основниот кривичен суд Скопје реагираше за вчерашниот избор на судии во скопска Апелација, дека Судскиот совет не ја испочитувал ранг-листата и ги прескокнал повисоко рангираните кандидати без притоа соодветно да го образложи таквиот потег.
Судскиот совет без образложение ги прескокна повисоко рангираните кандидати при изборот на судии во Апелација, реагира судијката Ристова
Ристова тврди дека по прво и второрангираните кандидати – судиите Лазар Нанев и Габриела Геориева – таа е трета на конечната ранг-листа, но дека е прворангирана судијка од Кривичниот суд Скопје, за кој вели дека е суд со најголем обем на сложени предмети. Оттука, додава дека првите тројца рангирани кандидати имаат значителна предност од над 10 поени во однос на другите кандидати подолу на листата.