„И денеска е недела работен ден, но за одредени економски оператори, дури во законот со квадратура се нацртани и се опишани кои се тие. Да речеме, работи еден трговски центар којшто се сеќавам на фанфари го отвораше тогашната коалиција СДСМ-ДУИ во занесот на инспирацијата пред првиот или вториот круг на локалните избори 2021 година мислејќи дека на тој начин ќе постигне подобар резултат. И сега има одредени економски оператори коишто работат. Ние како влада си го поставуваме следното прашање, а тоа е или никој да не работи, вклучително и тие, или тие коишто сакаат да работат со согласност на работниците коишто сакаат да работат да добијат двојна дневница. Тоа е дилемата која што ја имаме како влада и тука не гледаме ништо лошо“, истакна Мицкоски.
„Дали ќе дојде до овие законски интервенции и кои ќе бидат, кон кое решение ќе конвергираме ќе зависи од тоа каков ќе биде резултатот на следниот состанок на Економско-социјалниот совет. Ова прашање ние сме го разговарале и со синдикатите. Ова не е прашање кое ние сакаме да го наметнеме. Сме го разговарале и со синдикатите и со стопанските комори, работодавачите. Ние не сме го разговарале ова прашање во тесен круг и да носиме одлука, па потоа да не знаеме што да правиме со таа одлука. Ако мислите дека ние на сила ќе направиме нешто, нема да го направиме на сила“, подвлече Мицкоски и додаде:
„Генерално се катализираат две решенија. Едното е или никој да не работи, ама никој. Има еден таков главен град на една држава во централна Европа, никој не работи во недела и готово, тоа е тоа, или ако некој плати дупла дневница или договори со синдикатите поинакви услови да може да работи, да работи“.
Тој исто така потенцираше дека негово лично мислење е или да се даде можност на тие што сакаат за подобар приход да работат или никој да не работи, но се ќе зависи од состанокот на Економско-социјалниот совет на кој отворено ќе се разговара со работниците и работодавачите.
„Ако сакаме да правиме диверзификација и промена на нашиот економски модел и концепт, мораме да размислуваме вака. Кое ќе биде конечното решение јавноста ќе го знае откако ќе заврши последниот состанок којшто ќе го имаме со Економско-социјалниот совет на којшто ќе разговараме заедно отворено, гласно и јасно помеѓу работодавачите и работниците. Мое лично мислење еве да немате дилема е дека за сите оние коишто ќе постигнат договор со работодавачите и ќе добијат повисока дневница, двојна тројна итн. треба да биде овозможено во недела да работи и да остварат таков приход или, ќе повторам, никој да не работи“, заклучи Мицкоски.