На прашањето „дали е сè уште жива идејата за предвремени избори по кои би се формирала широка влада“, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кажа дека тој е за влада во која „ќе имаме едно широко македонско национално единство“, бидејќи во овој момент имаме влада во која има сè, само нема македонско единство. Каква ќе биде следната влада, вели Мицкоски, зависи од резултатот на изборите по кои ќе се прават калкулации и ќе се зборува за политики.
„Јас сум за влада во која ќе имаме едно широко македонско национално единство бидејќи сега сме со влада во која има сè, само нема македонско единство. Имаме премиер што нема народен легитимитет, имаме македонска, условно кажано, политичка партија којашто е малцински потчинет партнер, односно во заложништво на оние кои вистински управуваат“,рече Мицкоски.Прашан дали тоа значи влада на „ВМРО-ДПМНЕ плус СДСМ минус ДУИ“, тој вели дека тоа ќе го одредат граѓаните на изборите, но доколку се прашува ВМРО-ДПМНЕ, редно време е после 20 години, ДУИ да помине одреден период во опозиција. Тој не е убеден дека ДУИ ќе победи кај етничките Албанци, според бројките со кои располагаат во ВМРО-ДПМНЕ.