МИЦКОСКИ : ДОБРО Е ШТО ТРАЈЧУЛЕВСКИ И СДСМ ПОЧНАА ДА ТВРДАТ, ТОА ОКОЛУ БЕГСТВОТО НА РАМАДАНИ Е НОТОРНА ЛАГА, ГО ПОВИКУВАМ МВР ДА ПОДНЕСЕ ТУЖБА ЗА КЛЕВЕТА

0
157

Премиерот Христијан Мицкоски денеска го повика Јавното обвинителство да ги провери тврдењата на СДСМ дека бегството на поранешниот припадник на ОВК Блерим Рамадани на Косово е реализирано со помош на луѓе од државни институции. Тврдењата на СДСМ, според Мицкоски, се ноторна лага.

– Добро е што конечно излегоа со тврдење. Го охрабрувам Јавното обвинителство уште денес да влезе, го повикувам јавниот обвинител кој е избран од СДС и ДУИ веднаш да влезе и да констатира фактичка состојба, а јас ви тврдам дека тоа што го изнесе пратеникот на СДСМ е ноторна лага, изјави Мицкоски по посетата на Агенцијата за катастар на недвижности.

Мицкоски го охрабри и раководството на МВР да поднесе тужба за клевета.

– Мораме на ваков начин да се заштитиме од ваквите лаги и конструкции. Чудно е што се конструираат вакви монструозни работи и практично тоа нас ни дава одговор со какви луѓе сме имале работа овие седум години кога тие сега од опозиција ова го конструираат. Практично, тие така и владееле, така функционирале, рече Мицкоски.

Пратеникот на СДСМ Митко Трајчулески денеска на прес-конференција соопшти дека имаат докази од „свиркачи“ дека Рамадани ја напуштил државава и заминал во Косово на 10 август со Наим Рамука, началник на северната граница со Косово, а на 14 август, кога и избегал од земјава, бил превезен од вработен во општина Чаир по наредба на Рамука. И во двата случаја границата на Блаце ја поминале по лентата за товарен сообраќај без никаква контрола.