Премиерот Мицкоски рече дека Арсовска обвинува дека состојбите во градот се катастрофални затоа што не се гласале програмите, и ги повика на следната седница на Советот на Град Скопје, советниците од ВМРО-ДПМНЕ да ги изгласаат, иако како што рече и покрај тоа лошата состојба повторно нема да се промени.
„Ги слушнав тие пораки, не се гласале програмите, па не знам кочеле овие, кочеле тие. Еве јас како претседател на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги замолам советниците коишто доаѓаат од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, веднаш на следната седница да ги изгласаат тие програми“, истакна Мицкоски.
„Ако е до програмите, но не е до програмите. Еве ќе видите веднаш, мислам дека добив информација дека на 29-ти има седница, еве ќе ги замолам советниците од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата тие програми кои што таа вели дека не и се гласаат да и ги изгласаме и еве ќе видите дека ништо нема да се смени. Еве да знаете дека буквално ништо нема да се смени“, додава тој.
Премиерот Мицкоски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ не кочи и дека ќе ги изгласаат програмите.
„Тоа што е до нас ќе го направиме и еве да не биде и тоа повторно причина да речат ете ВМРО-ДМПНЕ кочи. Не кочиме, еве ќе ги изгласаме тие програми, ќе ги замолам да ги изгласаат“, истакна премиерот Мицкоски.