„Со законот за локална самоуправа се регулираат прашањата за надлежностите на општината, непосредно учество на граѓаните во одлучувањето, иницијативи, организација на работа на органите на општината како и други прашања од значењето на локалната самоуправа“, истакна пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски на денешната собраниска седница.
Тој потенцираше дека измените се со цел да нема нови предвремени локални избори.
„Измените на законот за локална самоуправа треба да овозможат да нема избори за нов градоначалник до редовните избори ако има помалку од 12 месеци. Станува збор за преодно решение кое ќе важи само за претстојните локални избори кои треба да се одржат во октомври 2025 година“, вели Мицевски.
Тој продолжи и додаде:
„Имајќи во предвид дека до распишување на нови редовни локални избори има помалку од 12 месеци и тргнувајќи од начелото за економичност и економската состојба во државата како и краткиот рок за организација на овие избори предложените законски решенија се со цел да ја постигнат целта заради која е предложен законот, а тоа е да нема измени односно овие кандидати за градоначалници да останат до одржување на редовните локални избори“, дециден е Мицевски.