Ние сме една од општините која не доби ниту денар средства од централната власт, а сите добро знаеме дека целиот патен сообраќај до Аеродром Петровец се одвива преку населеното место Петровец. Секој период од денот е преоптеретен со возила, вели градоначалникот на општина Петровец, Борче Митевски од настанот „Важно е! Платформа за иднина!“ во рамките на акцијата на ВМРО-ДПМНЕ „Важно е! Од тебе зависат промените!“.
Митевски посочи дека тие како општинска администрација, изработиле проект за пешачка патека од две илјади метри, во вредност од 24 милиони, го изработиле проектот, а одговорот од власта беше немаме финансиски средства. Посочи дека се работи за тротоар од центарот на Петровец, кој поминува покрај основното општински училиште „Кочо Рацин“ –Петровец, каде што учат околу 600 дечиња, со што ги заштитуваме нашите деца да бидат побезбедни при идење и враќање од училиште.
„Бидејќи знаевме дека нема да добиеме финансиски средства од централната власт, Општина Петровец направи пешачко-велосипедска патека од центарот на Петровец до центарот на село ‘Ржаничани во должина од две илјади метри и ширина од две метри, во вредност од 24 милиони денари одвоени од буџетот на Општина Петровец“, рече Митевски.
Митевски зборуваше и за поголемите капитални проекти кои што општинската администрација ги реализираше со финансиски средства од општинскиот буџет како што се општинската зграда која што беше неопходна, затоа што старата била во многу лоша состојба и истата била изградена по завршувањето на војната.
„Еден од поголемите проекти што ги реализиравме во последните две години е и новата општинска зграда, за која можеме слободно да кажеме дека во целост е изградена со средства од буџетот на Општина Петровец, во висина од 34 милиони денари. Старата општинска зграда беше изградена 1946 година, веднаш после војната, донација од Франција. Во Сушица изградивме културен дом и нов плоштад. Во изминативе две години асфалтиравме и поплочивме со бекатон плочки 3.500 метри улици, канализациони системи пуштивме во повеќе населени мести, во должина од 3000 метри, три нови водоводни системи во населени места во општината“, истакна градоначалникот Борче Митевски, посочи дека, исто така, извршиле и реконструкција во четири подрачни училишта во општината.