МИТЕВА : ПРАТЕНИЦИТЕ НА СДСМ ДА ГО ПОТПИШАТ БАРАЊЕТО И ИЛИРЕ ДАУТИ ДА ГО СТАВИ ЗАКОНОТ ЗА БРАНИТЕЛИТЕ НА ДНЕВЕН РЕД

0
83

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ што се членови на Комисијата за социјална политика, демографија и млади ги повикуваат пратениците од Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), членови на истата комисијата да се потпишат на барањето до претседателката на ова тело, Илире Даути од коалицијата „Европски фронт“ да свика седница и предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили и на членовите на нивните семејства по скратена постапка да го стави на дневен ред.

Ова денеска на прес-конференција во Собранието го соопшти пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева, посочувајќи дека ова барање е предложено и до пратеничката Славјанка Петровска.
„Очекуваме одговор дали пратениците на СДСМ ќе се потпишат на ова барање и дали доколку претседателката на Комисијата Илире Даути не свика седница ќе поднесат барање за нејзино разрешување или интерпелација. Заземавме став како пратеничка група да почекаме денеска до 15 и 30 часот“, рече Митева.

Според неа, доколку Петровска не го соопшти ставот на партијата за права прашање, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе го поднесат барањето без поддршка и потписи од пратениците на СДСМ, со што, како што рече, ќе се види нивната вистинска намера за политизирање.Изминатиот период Законот за бранителите предизвика многубројни реакции во јавноста. Законот е во собраниска процедура, заглавен во Комисијата за социјална политика, демографија и млади.

Откако претседателката на Комисијата за социјална политика, демографија и млади, Илире Даути, од Алијанса за Албанците, која е дел од коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ, минатата недела одби да закаже седница на ова собраниско тело за предлог-законот за бранителите, тоа не го стори ниту претседателот на Собранието, Африм Гаши, како што налага Деловникот за работа на законодавниот дом.